Поранешниот европски шампион, Будуќност, ја продолжи соработката со голманката од Франција, Армел Антигре, на уште две сезони, додека прво засилување за следната сезона во црногорскиот тим е младинската репрезентативка на Бугарија, Мари Пламенова Томова.
Атингре веќе две сезони настапува во Будуќност, а во екипата од Подгорица пристигна од Фехервар. Искусната голманка неодамна се врати по сериозната повреда која ја оддалечи од терените скоро шест месеци и на последните натпревари во овогодинешното издание на Лигата на шампионите од групната фаза беше одлична меѓу стативите.
Првото засилување во Будуќност, Мари Пламенова Томова е втората ракометарка од Бугарија, по Елизабет Омореги, која ќе заигра во клуб од Лигата на шампионите.
Томова својот голем потенцијал го потврди минатото лето, кога со 57 гола беше најдобар стрелец на Европското првенство во Италија во рамки од Б-дивизијата. Ракометарката од Бугарија во Будуќност ќе пристигне од италијанскиот клуб Ариосто Ферара.