Ракометарите на Вардар отпатуваа за Франција каде утре од 18:45 часот го играат првиот натпревар во Лигата на шампионите во 2022 година против лидерот во Групата А, Монпелје.
Тренерот Давид Дејвис посакува добар старт во натпреварувањето, но исто така знае дека задачата нема да биде воопшто лесна со оглед на фактот дека Монпелје е тим кој покажа најмногу во досегашниот дел од сезоната.
„Играме против најтешкиот ривал во Лигата на шампионите. Монпелје игра одлично во ова натпреварување. Можеби во Франција, во домашното натпрееварување не изгледа така добро, но во Лигата на шампионите ситуацијата е поинаква. Ќе биде навистина тешко после паузата. Сепак, ние мораме да ја играме нашата игра и да веруваме во нас. Одиме во Франција да се надигрување и ќе видиме како ќе течат работите. Како и секогаш одиме на победа и ова ќе биде можност да се види до каде сме во моментов. Сакаме да бидеме меѓу најдобрите шест. Таа ни е првата цел, а откако ќе го направиме тоа ќе видиме како понатаму. На овој натпревсар сигурно сме без Анте Гаџа, кој има повреда“, вели тренерот на Вардар, Давид Дејвис.
Во моментов Вардар се наоѓа на 7. позиција во Групата А со пет освоени бодови, еден помалку од шестопласираниот ППД Загреб.