Вардар и Еурофарм Пелистер во поход на Франција

Македонските шампион и вицешампион, Вардар и Еурофарм Пелистер, неделава се враќаат на европските обврски во Лигата на шампиони и Лигата на Европа.

Двата наши тима ќе гостуваат во Франција, кај тимoвите на Монпелје и Ним, со кои веќе се соочија во Скопје и Битола. Вардарци и битолчани ќе чекаат одмазда за поразите во Македонија.

Со триумфот на Монпелје среде Скопје, 25-31, тргна лошата серија на „црвено-црните“ во елитното натпреварување која трае долго време.

Ним беше гостин во Битола во октомври и славеше пред „Чкембари“ со 21-26 што за момент ги разниша редовите на „фармацевтите“, но веќе следната недела формата на Еурофарм Пелистер тргна во нагорна линија и оттогаш немаат пораз.

Сите четири тима забележаа победи на последните средби во домашните шампионат. Вардар беше подобар од Еурофарм Пелистер 2 со 32-20, додека Еурофарм Пелистер триумфираше кај Бутел со 21-23.

Монпелје не дозволи изненадување против Данкерк и го победи со 26-31, додека и Ним имаше успешна проверка и славеше со 30-26 против Кретеј.

Натпреварот меѓу Ним и Еурофарм Пелистер се игра на 15 февруари од 18:45 часот, додека следниот ден, на 16 февруари во истиот термин ќе биде одигран дуелот меѓу Монпелје и Вардар.