Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер од следната сезона ќе биде побогат за тунискиот репрезентативец Усама Хосни.
Десниот бек на една од најдобрите африкански репрезентации потпиша двегодишен договор со битолскиот клуб почнувајќи од следната сезона. 29-годишниот Хосни во Битола ќе дојде од шампионатот на Франција, каде со успех го носи дресот на Истр.
Негов матичен клуб е Клуб Африкан, а потоа во 2017 година се пресели во Франција, каде настапува веќе четврта сезона. Најнапред го носеше дресот на Иври, потоа настапуваше за Понто Комбо, а од 2019 година е член на Истр.
Висок е 193 сантиметри и поседува драгоцено искуство од настапи на највисоко клупско и репрезентативно ниво.
Со репрезентацијата на Тунис настапи на три Светски првенства, освојувач е на едно злато и две сребра од шампионатот на Африка, а стана и клупски првак на Африка во дресот на Клуб Африкан.
Запиша 102 настапи за туниската репрезентација и постигна 125 гола. Претходно битолчани го официјализираа потписот на словенечкиот голман Урбан Лесјак.