Шампионот на Црна Гора, Будуќност го очекува неизвесна судбина за следната сезона. Црногорскиот шампион по освојувањето на шампионската титула во Лигата на шампионите во сезона 2014/15, започна со реконструкција на тимот и драстично подмладување на екипата.
Буџетот на Будуќност од сезона во сезона се намалуваше, а со тоа се намалуваше и играчкиот кадар, кој главно беше составен од репрезентативки на Црна Гора, надополнет со неколку ракометарки од странство.
Оваа сезона е најлошата за клубот од Подгорица. Лошите резултати во Лигата на шампионите, 11 порази и само една победа во досегашниот тек од сезоната, доволно говорат дека ситуацијата не е баш идеална и сјајна.
Според црногорските медиуми, двете репрезентативки на Црна Гора, Ивона Павичевиќ и Матеа Плетикосиќ, кои играат голема улога во Будуќност, се наоѓаат на излезна врата, додека ракометарката од Русија, Валерија Маслова е пред трансфер во својата татковина односно во ЦСКА Москва.
Ивона Павичевиќ, која игра на позиција лево крило, доколку не направи трансфер во клуб кој игра во Лигата на шампионите, тогаш би можела да остане во Будуќност. Кај организаторот на играта, Матеа Плетикосиќ во игра биле неколку опции, а една од нив е можен камбек во Крим бидејќи со клубот од Словенија таа се уште има важечки договор.
Од Будуќност официјално заминуваат Анастасија Бабовиќ и Татјана Брновиќ. Бабовиќ на лето се сели во романскиот суперлигаш, Крајова. За Брновиќ нема официјални информации за нејзиниот нов клуб, но веројатно заминува во рускиот Ростов Дон. Единствено од останатите ракометарки, Нина Булатовиќ со сигурност останува во екипата на Бојана Поповиќ.