На ден на натпревар Металург доби целосна суспензија од ЕХФ која го враќа поранешниот македонски шампион одново на нула
1.Некогаш беше дерби, сега не се ни одигра!
Само што се потсмирија страстите и се архивираа впечатоците, што позитивни што негативни, од штотуку завршеното Европско првенство, здрма нов потрес на македонската ракометна сцена. Потресот најмногу ја погоди Автокоманда, а на Металург кризата овој пат најсилно му се урна врз глава.
Никој како тебе друг, само еден Металург…
ЕХФ наложи, РФМ изврши и поранешниот македонски шампион на почетокот на пролетниот дел од сезоната (не)очекувано доби суспензија не само за европските настапи, туку и за настапите на домашна сцена.
Старото скопско дерби во Автокоманда и промоција на новите тренери повратници – Давид Дејвис кај вардарци, Игор Котевски кај „металурзи“, овој пат не се ни одигра. И наместо ракометни потези, деновиве се толкуваа одлуки и соопштенија, побарувања и обвинувања, неисполнети ветувања, суми и рокови, правни и задни намери, отворени и блокирани сметки, суспензии, потенцијални трансфери, салата и „козата на комшијата“…
Причина се старите долгови на Металург. Не оние големите од шампионските генерации, туку овие другите од поново време, конкретно побарувањата и жалбите до ЕХФ од екс-тренерот Зоран Кастратовиќ и екс-играчот на Металург, Александар Шпенде.
Металург доби ултиматум да го подмири долгот кој, според раководството на клубот, изнесува околу 90.000 евра. Освен беспарицата и тајмингот пред ваучер, дополнителен проблем, според претседателката на Металург, Зорица Блажевска, е и тоа што дел од побарувањата се „спорни и обжалени“ бидејќи Кастратовиќ барал плати од Металург според „првичниот“ договор и за оние месеци по прекинот на соработката (еднострана или двострана, кога заминуваше ако ви текнува, и за тоа имаше дискусија…) во кои, да биде работата уште позамрсена, тој беше тренер на Пролет?!
Но, независно од сето тоа, според одлуката на ЕХФ, Металург ако не го подмири долгот останува суспендиран и се брише од ракометната карта. Крај!
2.Традицијата и искуството со пари не се купува
Што е она што е јасно и она што е малку нејасно во целата ситуација со кризата во Автокоманда?
Јасно е дека Металург влече криза и долгови уште од 2013-2014. Јасно е и дека тоа треба(л) да си го подмири и дека секој треба да си го добие тоа што си го одработел или во краен случај, тоа што му следува според договорот. Впрочем, сепак се работи за професионален клуб со традиција и со реноме. И тука, нема збор! И во ред е заложбата на раководството да се чистат старите долгови, дел по дел. Проблем е само што чистејќи ги старите се направи дупка и кај новите.
Од делот на Металург, малку е нејасно зошто клубот неизлезен од старата криза и долгови, изминативе неколку години некако стихијно влезе во нова. Зошто наместо да се сочува базата и со „разумна“ инвестиција да се гради тим со млади домашни играчи, што впрочем, и беше промовирано како проект пред 3-4 години, повторно се фати покусиот пат со ангажирање на звучни, но и многу поскапи странски засилувања, па и тренери со малку „солени“ плати?
Можеби тука е некакво објаснување обидот да се сочува рејтингот и реномето за да има и прилив. Но, од друга страна пак излезе дека одливот секогаш бил поголем од приливот, посебно во последните две коронарно изместени години.
Од делот на ЕХФ, нејасен е опсегот, ригорозноста и итноста на постапката, иако се разбира, тоа сигурно им е „покриено“ со нивната регулатива. Ако на состанокот на Извршниот одбор на ЕХФ во Будимпешта на кој патем, на дневен ред биле ставени и Металург и Вардар, првичната одлука била суспензија на Металург од европските настапи со рок за подмирување на долговите до јуни и дадена уште една шанса на клубот да ги исполни обврските, зошто во меѓувреме одлуката, односно суспензијата добива поширок опсег и за настапот во домашните натпревари, а со тоа и скратен рок за подмирување на долгот?
Од делот на РФМ, иако одлуката на ЕХФ е извршна и тука РФМ не може нешто многу да менува, сепак недостасува малку повеќе европско лоби и авторитет и заштите од националната федерација за клубовите, па и на домашното првенство во краен случај. Да не биде тоа погрешно сфатено – не заштита на клубовите во неисполнување на обврските, туку повеќе пружена рака за надминување на состојбите. Да не ги паметиме некогаш само по суспензии и елиминации, што условени, што доживотни…
Оти вака, некако премногу лесно се пушта низ вода и се уништува она што во наши услови тешко се создава и уште потешко децениски опстојува. Малку се такви во македонскиот спорт.
Да, од традиција не се зема плата, но без традиција и историја тешко се опстојува.
Или што ќе рече Игор Котевски – традиција и искуство со пари не се купува!
А, и не се брише само туку така!
На некогаш прославениот македонски пикер, му се падна повторно да се бори „на линијата“, овој пат тренерски со Металург ставен пред одлуката – да се биде или не.
3.Две опции, еден Металург
Што се опциите за Металург ставен пред одлуката за суспензија?
Првата опција – да собере некако пари и во најбрз рок да ги подмири Кастратовиќ и Шпенде за да ја тргне ЕХФ суспензијата. Два натпревари од Супер лигата веќе се одложени, со три „неоправдани“ клубот веќе се сели во најнизок ранг. А, виси и ризикот без гаранција дека може уште некој од тие што имаат заостанати побарувања да се пожали во ЕХФ. Се до крајот.
Втората опција е стариот Металург да се помири со суспензијата и банкротиран да замине во историја. А, со него, најверојатно и поголем дел од побарувањата. Опција во која никој не добива…
И уште еден сериозен удар за македонскиот ракомет, втор од такви размери по згаснувањето на Кометал ЃП.
Кај Металург сепак, и во тоа најлошо сценарио има некаква можност тоа да не биде и дефинитивен крај за клубот од Автокоманда . Наследник во тој случај, би бил вториот тим, Металург РА кој сега се натпреварува во Прва лига. Како што велат – „со чиста сметка“ и на домашен погон.
И приказната би почнала од почеток.
А, само што ги отштампаа дресовите со златниот јубилеј за 50-годишнината на Металург! Штета…