Европскиот првак Шпанија со триумфот над Данска со четири гола разлика, 29-25, обезбеди место во финалето на Европското првенство.
Селекторот Жорди Рибера е задоволен и среќен по триумфот, но вели дека неговите избраници мора да останат цврсто на земја.
„Тешко е да се игра против Данска поради нивниот стил на играње. Имавме тешко прво полувреме кога губевме и со четири гола, не можевме да се снајдеме на теренот, но на крајот се ни одеше добро. Среќен сум поради триумфот и играта на моите момци, кои работат одлично и секако среќен сум за шпанскиот ракомет. Сега е време за одмор, но стоиме цврсто на земја и ќе се подготвиме за финалето в недела што сигурно ќе биде тешко“, вели Рибера.
Противник на финалето в недела од 18:00 часот на Шпанија ќе биде победникот од двобојот меѓу Франција и Шведска.