На Европското првенство во Унгарија и Словачка, играчите и членовите на стручниот штаб на секоја репрезентација продолжуваат да се тестираат на коронавирус, а нови позитивни имаше во репрезентацијата на Норвешка.
Според информациите од норвешката ракометна федерација, на последните направени тестирања, веднаш после натпреварот со Шведска, позитивни биле двајца ракометари од норвешкиот табор.
Станува збор за голманот Торбјорн Бергеруд и пикерот, Магнус Гулеруд. По направените тестови и добиените позитивни резултати, двајцата ракометари се ставени во изолација.
Во последната недела сите членови на норвешката делегација биле сместени во посебни соби во Братислава. Денеска, репрезентацијата на Норвешка пристигна во Будимпешта каде в петок ќе го игра дуелот за петтото место на Европското првенство.
Ова е голем удар за Норвешка бидејќи двајцата позитивни ракометари играат голема улога во составот на Кристијан Берге. Норвешка не чекаше многу и за натпреварот за петтото место експресно приклучи нов ракометар, а тоа е членот од Елверум, Ендре Лангас, кој ќе биде замена за позитивниот Магнус Гулеруд.
Од стручниот штаб на Норвешка наскоро треба да известат дали ќе земат нов голман или во својот последен натпревар ќе играат само со Кристијан Саверас.