Ракометната, но и пошироката јавност во Германија е во шок откако се дозна дека во една од соблекувалните на женскиот клуб Мецинген било откриено дека има поставено камери. Ваквиот настан не се случува за првпат во клубовите кои се дел од најквалитетното натпреварување во женска конкуренција во Германија.
Минатата година, исто така беа пронајдени три камери во соблекувалната на женскиот клуб, Розенгартен.
За потсетување, пред натпреварот од женската Бундес лига на 18 септември 2021 година помеѓу Розенгартен и Битигхајм, една од ракометарките на домашната екипа открила чудна направа во туш кабината во нејзината соблекувална. По истрагата која била спроведена од страна на германската полиција било утврдено дека има поставено три скриени камери.
Минатата недела, третопласираниот клуб од Бундес лигата, Мецинген, пријавил дека неколку ракометарки од клубот откриле скриени камери во својата соблекувална.
Полицијата веднаш била информирана од клубот и започнала истрага. За неколку часа лицето кое ги поставило камерите е идентификувано. Осомничената личност работела во клубот, а по немилиот настан, раководството на Мецинген ја прекинало соработката со личноста која за време на истрагата се води како осомничена.