Поранешниот ракометар на Металург и Вардар, Лука Циндриќ, во конкуренција со Домагој Дувњак, Халил Јагањац, Давид Мандиќ и Жељко Муса, освои најмногу гласови од страна на спортските новинари во Хрватска и истакнати личности од ракометот на традиционалниот избор организиран од Ракометниот сојуз на Хрватска во соработка со спортскиот портал „Спортске Новости“.
Кај дамите, Ана Дебелиќ освои најмногу гласови, а нејзини конкурентки беа Катарина Јежиќ, Валентина Блажевиќ, Стела Посавац и Дејана Милосављевиќ.
Поради успехот на Хрватска на Европското првенство во 2020, наградата за најдобар тренер ја доби Ненад Шоштариќ.
За најдобар судиски пар беа прогласени Матеја Губица и Борис Милошевиќ. Овој судиски пар веќе по 13-ти пат ја освојува престижната награда во својата земја.
Во ланскиот избор, победници беа Домагој Дувњак, Теа Пијевиќ, Лино Червар, како и судискиот пар, Матеја Губица и Борис Милошевиќ.