Отворена најголемата ракометна сала во Европа, таму ќе се игра ЕП (ФОТО)

Во главниот град на Унгарија, Будимпешта, беше отворена најголемата ракометна арена во која ќе се играат дел од натпреварите од Европското првенство 2022 година, како и завршниот турнир од Лигата на шампионите во женска конкуренција, кој традиционално се одржува во текот на месец мај.

Со вкупно 20.022 седишта, арената во Будимпешта е најголемата ракометна сала во Европа. Покривот е широк колку и Колосеумот во Рим, со највисок врв од 40,5 метри.

Во арената освен натпреварите од првата и главната фаза од Европското првенство 2022, ќе се одигра и големото финале. Бидејќи Унгарија заедно со Австрија и Швајцарија ќе биде ко-организатор на Европското првенство 2024 во женска конкуренција, беше одлучено натпреварите да бидат одиграни во новата арена во Будимпешта. Исто така, во 2027 година, во истата арена ќе се одржи и Светското првенство за жени.

Фото: EHF

Првиот официјален натпревар што ќе се одигра во оваа сала ќе биде оној меѓу репрезентациите на Унгарија и Холандија во рамките од Групата Б на ЕП.