Машката сениорска репрезентација на Македонија в среда на пладне ќе ги започне подготовките за настапот на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Селекторот Кире Лазаров го скрати списокот на 24 ракометари, меѓу кои е и тој, а подготовките ќе се одвиваат во две фази – во Маврово и Скопје.
Во Маврово сениорите ќе бидат од 22 до 30 декември, и таму ќе бидат одиграни две пријателски средби со Кувајт на 27 и 29 декември.
Втората фаза ќе се одвива во Скопје од 1 до 11 јануари, а во главниот град ќе бидат одиграни уште две пријателски средби со селекцијата на Израел на 3 и 4 јануари.
Кувајт се подготува за Азискиот шампионат, Израел за квалификациите за СП 2023 година, па селекторот Лазаров ќе има четири проверки низ кои ќе може да го направи последниот рез на списокот и да одлучи со кои играчи ќе патува во Дебрецен.
Македонија е во групата А на ЕП заедно со Словенија, Данска и Црна Гора.