Екипата на Тиквеш дојде до втората победа сезонава, а триумфот против Прилеп беше обезбеден со резултат 34:27 и со старо-новиот тренер Горан Андоновски.
Тиквеш беше подобриот противник во поголемиот дел од натпреварот така што успеа да се избори за три бода од оваа тешка средба на која во текот на сите 60 минути имаше добар ракомет.
Уште во првото полувреме стана јасно кој ќе дојде до победа на оваа средба откако при 4:5 почна пресвртот. Тогаш работите се свртеа бидејќи набрзина составот на Тиквеш дојде до 11:6 и потоа оваа предност се одржуваше.
Во финишот на првото полувреме дојде до опуштање, а Прилеп намали. На одмор кавадарчани заминаа со 15:12, а овие три гола не беа гаранција за триумф.
Она што беше испуштено во финишот на првиот дел задаваше грижи добар период од второто полувреме. Прилепчани успеваа да се одржат во ритам, но не и да направат нешто повеќе. Не успеаја да намалат повеќе од три гола, па во финишот домашните зададоа нов удар и зголемија на безбедни шест гола, 28:22.
Тука требаше само да се одржи предноста и да се завери победата. Тоа стана и повеќе од јасно при 32:25 така што до крајот од средбата беа зачувани овие плус седум за нови бодови на Тиквеш и враќање на патеката која беше планирана пред почетокот на сезоната.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА