Репрезентацијата на Шпанија останува со епитетот на вечно трета на Олимписките игри откако денеска на дуелот за 3. место против Египет се избори за победа од 33:31.
После големо надигрување кое траеше 60 минути, Шпанците покажаа дека имаат квалитет, но дека нијанси беа во прашање кога се решаваше победникот во полуфиналето.
Средбата за 3. место мина во израмнета игра. Решаваа нијанси, една топка, еден подобар шут, порасположен голман на моменти… На почетокот на средбата највисоката предност беше два гола и ја имаше Египет. Некаде на средината на првото полувреме Шпанците се вратија и постојано беше нерешено при што „фуријата“ имаше гол позитива.
Во финишот на првото полувреме дојде највисоката разлика од три гола откако Шпанија најде начин како да го контролира Египет и на одмор замина со 19:16.
Вториот дел мина со контрола на Шпанија иако предноста не беше голема. Египет успеа да намали, на моменти и да израмнува, но не и да поведе. Шпанците постојано беа во водство и имаа гол до два предност. Во финишот ветеранот Ентрериос покажа дека уште има што да покаже, а имаше помош од Душебаев.
Двајцата ја одработија и последната акција на средбата и ги поставија конечните 33:31. Душебаев имаше одлична асистенција до пивот, каде што Ентрериос се најде откако ракометарите на Египет се обидоа со пресинг да дојдат до шанса за реми. Место тоа на крајот плус два за Шпанија и нов бронзен медал.
Гомез Абељо имаше осум гола, а Робледо шест. Двајцата клучни играчи во финишот од средбата Душебаев и Ентрериос завршија со пет односно четири гола. Елахмар го заврши натпреварот со осум погодоци, додека Омар и Шебиб имаа по шест погодоци.