Со одигрувањето на полуфиналните средби во женска конкуренција веќе е познато кои селекции и кај мажите и дамите ќе играат во финалето. Таму нема ништо ново во однос на 2016 година и Олимписките игри во Рио бидејќи златните и сребрените медали ќе завршат кај истите состави. Останува само да се види дали и распределбата ќе биде на ист начин.
Според играта која беше прикажана за разлика од машкиот турнир, кај дамите во финалето не се пласираа селекциите кои финишираа кај најдобри во групите. Шведска и Норвешка завршија во битката за 3. место, па Норвежанките кои се шампионки од 2008 и 2012 година на втора Олимпијада по ред ќе се борат за бронзата.
Русија го брани златото, Франција сака реванш
Пред пет години во финалето Русија дојде до победа од 22:19. Тоа беше натпревар со малку погодоци, а на овој турнир и двете селекции не блескаа премногу во групната фаза.
Русинките имаа катастрофален старт. Одиграа нерешено со Бразил, 24:24, додека во 2. коло загубија од Шведска со 24:36. Кога се чинеше дека ја загубија контролата следуваа три победи и освоено 2. место во Групата Б. Русија ги совлада Унгарија (38:31), Франција (28:27) и Шпанија (34:31). Во четврт-финалето ја надигра Црна Гора со 32:26 така што формата оди во нагорна линија.
Франција беше во истата група. Тргна не многу убедливо со минимални 30:29 против Унгарија и пораз од 25:28 против Шпанија. Следуваше нерешен резултат против Шведска и пораз од Русија, па мораше пласманот во четврт-финалето да се спасува против Бразил (29:22). Во четврт-финалето против Холандија, Французинките беа убедливи и ја забележаа највисоката победа од 32:22.
Најдобрите од групната фаза не се во финале
Русија и Франција не беа најдобрите во групната фаза. Првите места ги имаа Норвешка и Шведска, но овие две селекции ќе мора да се задоволат само со битка за 3. место. Затоа, пак, в недела Русија и Франција кои беа второ и третопласирани во Групата Б ќе се борат за златото.
Нивната меѓусебна средба заврши со 28:27 во корист на Русинките што е најава за интересно финале. Воедно ова е најава и за возбудлив натпревар во кој Французинките ќе сакаат реванш за поразот од пред пет години во финалето во Рио де Жанеиро.
И машката селекција на Франција бара реванш
Покрај женската репрезентација во финалето реванш за поразот од пред пет години ќе бара и машкиот состав. Мажите од Франција пред пет години загубија од Данска во финалето со 26:28 така што сега е шансата да се врати.
Двете селекции беа првопласирани после групната фаза. Франција загуби во последното коло од Норвешка со 29:32, но тоа беше натпревар кој веќе не решаваше ништо. Данска исто така во последното коло од Шведска откако го имаше обезбедено првото место со 30:33.
Оттаму го имаат најдобриот биланс и заслужено се во нова битка за злато, а во финалето ќе имаат македонска арбитража.
Доминација во екипните спортови, Франција има четири финалисти
Франција е земјата со најмногу полуфиналисти во екипните спортови на Олимписките игри. Покрај во ракометот има полуфиналисти во кошарка и во машка и во женска конкуренција. Имаше и кај мажите во одбројка.
Дефинитивно ќе биде и земја со најмногу финалисти бидејќи покрај во ракометот во двете конкуренции ќе има финалисти кај мажите и во кошарка и во одбојка. Само кошаркарките не успеаја да дојдат до финале и ќе се борат за бронза.