Првиот четврт-финален дуел на машкиот олимписки турнир во ракомет очекувано помина во доминација на Франција, која по шеесет минути ја совлада селекцијата на Бахреин со 42-28. Борбените Бахреинци своите шанси ги прокоцкаа во средината на првиот дел, а Франција не остави простор противникот да се понадева на ништо повеќе од убедлив пораз.
За разлика од репрезентацијата на Франција која уверливо чекори кон олимписки подиум и заврши прва во својата група, Бахреин по игра на судбината и несреќниот пораз на Португалија од Јапонија низ иглени уши се провлече во четвртфиналето. Иако по конституција делуваат како маалска екипа од „Пролет“ или тим собран од првата македонска лига, нивната игра ја краси пожртвуваност, храброст и агресивност, а одличниот исландски стратег ги донесе на едно повисоко ниво. Благодарение на храбрите решенија на бековите во нападот и борбената игра во одбраната, надополнети со тактичката замисла на Кристјансон, Бахреин беше жежок костен за секој противник на олимпискиот турнир, но далеку од светскиот крем. На спротивната страна Франција ја бара идеалната форма изминативе две години, враќањето на Карабатиќ секако дека донесе позитивни промени во пристапот на натпреварите, но недостатокот од авторитет на ѕвездената клупа на „експертите“ може да биде меч со две острици и сериозна пречка за освојување на најсјајното одличје. Бахреин не беше на исто рамниште со ракометните џинови од Франција, па затоа и кратките напади, опуштената одбрана и честите ротации не влијаеа многу на расположението на тренерот Жил или конечниот исход на натпреварот, а тој се ближеше до 20 голови разлика.
По воведните осум минути Франција имаше три голови разлика, но Бахреин сè уште имаше мотив, сила и желба за надигрување па неизвесноста траеше до 20. минута кога Бахреин се приближи на минимални 11-10. Карабатиќ ги предводеше нападите на Франција, кои завршуваа на второ или трето додавање, на спротивната страна се менуваа ракометари на средната бековска позиција, а искусните Еид и Алсајад ја пробиваа порозната одбрана на Франција. Во текот на натпреварот селекторот на Франција Жил постојано менуваше, па на средната бековска позиција го видовме Карабатиќ и Мае, натпреварот го започнаа најискусните, а до крајот во игра влегоа сите ракометари. Токму последните 10 минути од првиот дел кога Франција играше со Мае, а со него се промени и формацијата во одбраната, беше најплодна за „експертскиот“ тим. Со низа голови ја запечатија судбината на Бахереин и си овозможија мирно да заминат на паузата со резултат 21-14.
Доминацијата на некогашните ракометни светски владетели продолжи и во второто полувреме. Франција без разлика на составот на терен играш полесно, а во тоа им помогнаа и грешките во нападите на Бахреин, па предноста на триколорите постојано се зголемуваше, а во 53. минута ги достигна највисоките „плус 16“ 39-23. Вторите триесет минути завршија со идентични 21-14 во корист на Франција или вкупно 42-28.
Најпрецизен на теренот беше Мае со 9 голови, го следеа Торна и Мем со по пет за Франција и Алсајад кој истотака постигна 5 голови но за Бахреин.
Франција во полуфиналето ќе го пречека подобриот од дуелот меѓу Германија и Египет.