ИНТЕРВЈУ ГОРАН КУЗМАНОСКИ: Допингот ми ги смени размислувањата и насоките во животот!

Успешната и богата 21-годишна играчка кариера, Горан Кузманоски од минатата сезона ја претвори во квалитетна тренерска кариера како предводник на својот матичен клуб Прилеп, со кој го задржа суперлигашкиот статус и за следната сезона. Средниот бек има интересна ракометна приказна. Тој беше капитен на младинската репрезентација во нејзиниот најголем успех, четвртото место на ЕП 2002 во Полска, а подоцна повремено ќе го носи националниот дрес. Врвот го достигна со освојувањето на Челинџ купот со романски Одорхеи, додека дното го допре кога како играч на Еурофарм Работник ќе биде позитивен на допинг-тест и ќе се соочи со деветмесечна суспензија од ВАДА. „Сè се случува со причина, и сè ме водело кон она што сум денеска“ – позитивно размислува Кузманоски.

Главната поддршка и главната инспирација ги има од сопругата Магдалена и од ќерката Калина, кои безрезервно ги следат сите негови авантури во кариерата. Патот го води до Италија, Шпанија, Португалија, преку Исланд и Шведска, до Романија, и повремено назад во Македонија каде ќе го носи дресот на Вардар и Металург, Пролет, односно Еурофарм Работник, подоцна и Еурофарм Пелистер, каде и ќе стави крај на кариерата. Има завршено Факултет за физичка култура во Белград, каде во завршна фаза му е и магистратурата за спортски менаџмент. Зборува шпански, португалски, италијански романски и англиски, а културите, менталитетот и различните карактери на луѓето со кои се сретнал вели дека се многу прочитани книги. Погледите за ракометот кои ги имал низ кариерата го градат денеска како тренер.

За Горан ракометот како да бил предодреден. Тој потекнува од спортско семејство, неговиот татко Петар Кузманоски е ракометна легенда во Прилеп, кој е поранешен ракометар и од средината на 80-тите до почетокот на 90-тите години бил тренер и претседател на РК Тутунски Комбинат. Неговата мајка, Маре, пак, е поранешна шахистка, па спортот бил главна тема на разговор. Горан е познат и по прекарот – Таста, кој го добива од неговиот татко (тоа е прекарот кој го носел неговото семејство во Прилеп).

„Моите родители се главни виновници за мојата комплетна спортска кариера. Имав неизмерна поддршка од нив. Го сакав многу фудбалот, тренирав малку и фудбал и кошарка, но постојаното присуство на ракометни тренинзи и натпревари и адреналинот кој го носеа тие ме насочи кон ракометот. Почнав да тренирам од 9-10 години во млади генерации. Љубовта кон спортот ми е вградена од дете, не можев да избегам од тоа.“

ВО ШПАНИЈА И ПОРТУГАЛИЈА МНОГУ НАУЧИВ ЗА РАКОМЕТОТ

Првиот професионален договор го потпишува на 16 години, секако со Тутунски Комбинат, кој во тоа време го предводи Пеце Вељаноски – Стипе. Дебитира против неговиот омилен клуб Црвена Звезда, каде во тоа време стратег е Драган Ѓукиќ, на меѓународен турнир во Прилеп, по кој веднаш добива понуда да игра за „црвено-белите“ и да студира во Белград. Поради бомбардирањето на НАТО во Србија, таквата шанса пропаѓа. Останува во Прилеп, каде на 19 години, како најдобар стрелец во 2002 година е дел од генерацијата која ќе го испише најголемиот клупски успех, освојувањето на Куп-титулата и ќе му го донесе на градот единствениот пехар во неговата историја.

Успехот на ЕП 2002 во Полска, кога како капитен ја предводи младинската репрезентација (генерацијата на Ристовски, Миркуловски, Стоилов…) до четвртото место ќе му донесе многу интернационални понуди. Тоа првенство Кузманоски е втор стрелец зад Полјакот Бијелецки, додека Ристовски е именуван за најдобар голман.

„По ЕП во Полска имав многу понуди од Копер, Целје, клубови во Италија, за да заминам. Копер беше заинтересиран, бев таму со татко ми, беа договорени сите услови, четиригодишен договор, но имав профисионален договор со ТК и мораше да се плати обештетување, кое беше преголемо за Копер. Не заминав во Словенија, но бев пуштен една сезона како позајмен играч во Италија, во Секија Паламано. Во Италија лигата беше силна тогаш, Игор Вори играше таму, Лино Червар беше тренер. Како дете кое живеело во Прилеп, да излезеш и да живееш во Модена, тоа беше одлично, но од играчки аспект, од денешна гледна точка мислам дека е грешка и навистина жалам што не заиграв за Копер. Но, сакам да мислам дека сè се случува со причина.“

Низ кариерата на Кузманоски, двајца стратези се присутни постојано – Драган Ѓукиќ и Илија Темелковски и за дел од потезите во кариерата тие се главни виновници.

„Од Секија се враќам во Македонија, во Вардар каде Драган Ѓукиќ е тренер. Таа сезона игравме Лига на шампиони, освоивме двојна круна, делев минутажа со Пепи Манасков, Олег Мајнцев, но на крајот на сезоната Вардар направи големи промени во тимот, а јас преминав во Металург. Беа големи ривали со Вардар, а таму играа Миркуловски, Ристовски, Филип Лазаров… со кои бев соиграч во репрезентација и некако ме навлекоа, за да бидеме заедно, да играме заедно. По една година во Металург решив дека сакам да заминам надвор. Во тоа време македонските ракометари не беа интересни за менаџерите, нивните погледи беа насочени кон Србија, Хрватска, Словенија, немаше социјални мрежи и беше тешко да излезеш. За мене отскочна штица беше репрезентацијата и настапот во ЛШ со Вардар. Добив понуда од клуб на Исланд и по Виктор Гигов и Петар Мисовски бев трет Македонец кој заиграл таму. Целта ми беше еден ден да играм во Шпанија и две години минав во Аранда. Потоа имав две понуди, од Дизелдорф и од Мадаира и се одлучив за Португалија, поради тренерот. Многу ми одговара тој менталитет и начин на гледање на ракометот во Шпанија и Португалија. Таму смирено и паметно гледаат на работите и многу научив за ракометот. Поради финансиски проблеми заминав од Мадаира и потпишав тригодишен договор со Трелеборг од Шведска. Таму се беше спротивно – ладен народ, поинаков менталитет и сфаќања за ракометот. Сопругата беше бремена и сакав да бидеме мирни и сигурни и се надевав дека сè ќе биде добро, но се случи економска криза и клубот се распадна во април и одлучивме да се вратиме дома. Пролет, кои ми се пријатели и каде Илија Темелковски, кој ми беше селектор во младинската репрезентација, беше тренер, ми понудија да играм за клубот и јас прифатив без размислување. Потоа дојде понудата од Романија – Одорхеи е големо патешествие!“

ЌЕ СЕ ПИШУВА КНИГА ЗА ОДОРХЕИ, ТАМУ ГО ДОСТИГНАВ ВРВОТ

Најголемиот успех во играчката кариера Кузманоски го достигнува во романски Одорхеи со кој во 2015 година ќе ја освои и титулата во европскиот Челинџ куп… Интересно е дека кога стигнал во градот, прва помисла му била веднаш да се врати дома.

„Пред неколку дена ме контактираше човек од Романија, кој ќе пишува книга за клубот. Тоа беше приватен клуб, на Унгарец, кој живееше во Одорхеи, град од 35 илјади жители во кој 90 посто од населението се Унгарци. Амбициозно беше да се создаде клуб во Трансилванија, чија цел беше да се донесе било каква титула во градот. Кога го потпишав договорот тогаш беа почетоците и клубот беше несериозно прифатен, велеа дека е вештачки создаден. По препорака на Лефтер Бошковски отидов таму. Возев 12 часа, едвај го најдов градот и кога стигнав во три часот наутро во Одорхеи, првата реакција ми беше да преспијам, да одморам и утре се враќам назад дома (се смее) Нема шанси тука да издржам! Но тренерот беше виновен што останав, Влад Каба, неговата позитивна енергија и тоа дека психолошки многу делуваше на мене. Ми кажа дека ќе бидам лидерот на тимот и дека заедно ќе му дадеме насока на клубот. Првата недела бев скептик, но како минуваше времето се повеќе се адаптирав. Потоа им требаше пикер, па по моја препорака дојде Стојанче Стоилов и веќе првата година направивме успех. Завршивме втори зад Констанца и клубот почна посериозно да инвестира и да оди напред. Таа сезона (2010/2011) бев избран и за најдобар играч во романско првенство. Вистина бев лидер на тимот, користев шанса максимално, и на терен и во соблекувална. Потоа дојдоа и Лазе Мајнов и Мите Стоилов со кои во 2015-тата станавме први македонски ракометари кои освоиле европска титула. Ние го освоивме Челинџ купот, а десетина дена по нас и Кирил Лазаров со Барселона ја освои Лигата на шампионите во Келн. Тоа беше одлична сезона, најдобар момент во мојата кариера, остварување на сонот како играч и тоа дојде како награда за сите жртви и за сите случувања во кариерата.“

СЛУЧАЈНО СТАНАВ ТРЕНЕР, НО ТАМУ ГЛЕДАМ ИДНИНА

„Следната сезона му станав помошник тренер на Каба. Секогаш сум имал амбиции за тренер, па ова беше одлична можност за старт. Во јануари 2017 Каба даде оставка и останавме без тренер да го одиграме плеј-офот. Одлука на спонзорот и управата беше јас да бидам играч-тренер таа полусезона, функција за која ми требаше време да размислам пред да кажам „ДА“. Но. во тие четири месеци сфатив дека можам и сакам да го работам тоа. Следната сезона во клубот дојде Драган Ѓукиќ за тренер и јас му бев помошник. Имав понуда да работам во клубот како спортски директор, но ја одбив затоа што се гледав во тренерските води. Потоа се случи една неубава, непосакувана ситуација во клубот, нашиот сопственик почина и во истиот момент, клубот се распадна.“

ВО ЕДЕН МОМЕНТ СЕ СРУШИ ЦЕЛАТА МОЈА КАРИЕРА

Од Романија се враќа во Македонија, каде на повик на Илија Темелковски влегува во проектот Еурофарм Работник (подоцна Пелистер) каде ќе одработи една полусезона, за потоа договорот да го продолжи на уште две. Тука Горан го гледа крајот на својата кариера, но претходно ќе прими тежок удар – позитивен допинг-тест.

„Убаво ја почнав сезоната, бев и најдобар играч на турнирот во Струга, се одеше одлично и во октомври ми се случи една непријатна ситуација,  паднав на допинг тест! Еден месец подоцна заработив деветмесечна суспензија од ВАДА, сè што градев со години, се сруши во еден момент, целата моја кариера. Многу загубив како човек со успешна кариера и спортисти кој секогаш водел правилен спортски живот, не сум бил недисциплиниран, ниту казнет, не сум конфликтна личност и оддеднаш паѓам на допинг и си ставам црна дамка на кариерата. Премногу бев разочаран, ми беше многу тешко. Во период од месец дена користев додаток во исхрана на кој во упатството и декларацијата не беше наведена супстанцата сибутрамин, која при тестот ми беше најдена во урината. Тоа е многу опасна супстанца, еден вид на дрога, која не е дозволена ниту на рецепта и јасно ВАДА е многу ригорозна во таков случај и сакаа да ме казнат две до три години. Јас бев многу непријатно изненаден, како може такво нешто мене да ми се случи. Претходно 12 пати сум бил тестиран во кариерата и никогаш не сум имал проблем. Веднаш се активирав стапив во контакт со акредитирана лабораторија и тие ми помогнаа да докажам дека не сум знаел за постоењето на сибутрамин во додатокот за исхрана, на чие пакување не пишуваше ништо освен дека е сè на природна база. ВАДА (на моја среќа) ги прифати податоците кои им ги испратив и ја намали казната на девет месеци.“

„Потоа покренав судска постапка против фирмата која го продава тоа. Пријавив и во Агенцијата за храна и ветеринарство, и тие докажаа дека има присуство на сибутрамин. Судската постапка тече бавно, но трпелив сум и ќе бидам истраен во процесот, не само поради себе, туку и поради другите луѓе за да ги заштитам, да не се најдат во ситуација како мојата и да не паднат во истата замка. Последиците можат да бидат фатални, а ниту јас, ниту било кој друг нема да биде свесен за тоа. Еден месец го користев додатокот на исхрана и со внесување на толкава количина во мојот организам доведува до смртност или откажување на органите. Во секој момент можело нешто да ми се случи, на тренинг, на натпревар, одејќи по улица… Ќерка ми беше на трибините на тој натпревар! Сибутраминот го покачува пулсот и јас чувствував тахикардии, не спиев, но мислев дека тоа ми е од тренинзи, од напор, од замор… Подоцна кога се излезе на виделина, бев во комплетен шок, очаен!  Контактирав и други спортисти кои паднале на вакви замки, доктори и хемичари во Белград и со нивна голема помош се надевам дека ќе има позитивен исход. Благодарен сум им на сите од клубот, соиграчи кои застанаа позади мене во тој процес, па и новинарите – и од вас имав поддршка, никој не ме нападна.“

„ВАДА се води од тоа дека ти си одговорен за сè што внесуваш во твојот организам, но ова во мојот случај беше вметнато. Производ со декларација на која не е надевено постоење на некоја супстанца. Сега сум многу повнимателен, имам поинаков поглед на работите и затоа ја почнав таа судска постапка. Најтешко што ми беше е што сè се случуваше пред очите на ќерка ми која тогаш имаше осум години. Најболно ми беше таа да ме гледа таков разочаран и на дното. ВАДА е многу ригорозна за вакви случаи и девет месеци не смеев да влезам во сала, па и кафе внимавав со кого пијам.“

ДОПИНГОТ И КОРОНАТА МИ ДАДОА ДО ЗНАЕЊЕ ДЕКА Е КРАЈ

На 36-години Горан Кузманоски ќе се врати во игра, сега во Еурофарм Пелистер со Стевче Алушовски на клупата, но пандемијата од коронавирусот ќе ја прекине сезоната, а тоа ќе значи и крај на играчката кариера за средниот бек.

„Се вратив од инат, затоа што сакав да им докажам на сите дека можам и покрај тоа што имав 36. години. Но, коронавирусот не дозволи да се доигра сезоната. Имаше прекин во март, потоа долга пауза и допингот и короната како да ми кажаа дека е доволно. Да не се мачам себе си! Криво ми е дека така ја завршив кариерата, без да се поздравам од публиката. Ниту годинава немаше публика, па иако сакам да направам такво нешто, немаше лезет. Можам да размислам на таа тема за следната сезона, со оглед на тоа дека сум тренер во Прилеп, каде и ја почнав кариерата, па може нешто такво да направам тука“, констатира Кузманоски.

ВО ПРИЛЕП ПОЧНУВА И КАКО ТРЕНЕР

Интересно е како се затвора кругот, или, се отвора нов – во клубот каде ја започнува играчката кариера, таму ја стартува и тренерската.

„Имав понуда и од Еурофарм Пелистер да останам во клубот, разговаравме за тоа, но се случи короната и не ги додефиниравме работите. Потоа дојде понудата од Прилеп, клуб од Суперлигата и иако немав во план да скокам ’скалила’ искуството од Романија ми даде на самодоверба, а Прилеп се покажа како вистинска екипа за мене. Млад тим, неискусен, со играчи собрани од сите страни и направивме изненадувачки успех за кој најмногу се виновни играчите. Тие учеа од мене, но факт е дека и јас многу научив од нив. Гледам какви погледи имаат за ракометот на 21-22 години и се споредував со себе си, се потрудив да не им дозволам да направат некои грешки кои јас сум ги правел на нивни години и таа добра заедничка соработка не донесе до ова денеска. И следната година ќе бидам во Прилеп, со исти амбиции, опстанок во најсилното друштво.“

СЕ ЗАБЛАГОДАРИВ НА ПРОЛЕТ ЗА ПОНУДАТА И ЈА ОДБИВ

Еден од нашите претставници во Европа, Пролет имаше понуда до Кузманоски да ја превземе клупата.

„Вистина е! Имав понуда од Пролет, но ќе беше неблагодарно од моја страна да заминам од Прилеп, со кој имам џентлменски договор. Им се заблагодарив на Пролет за понудата, но во овој момент не сакам да ги изневерам децата и клубот со кои работев претходната сезона. Работам и на добивање Мастер Коуч и во септември се надевам дека ќе ја имам и таа лиценца, која е потребна во процесот на градење на тренерска кариера.“

САКАМ ДА ПРЕВЗЕМАМ ОДГОВОРНОСТ, ПА ДУРИ И АКО СКАПО МЕ ЧИНИ

Уште еден сегмент во кариерата на Кузманоски кој не смее да се изостави е репрезентативната кариера. Тој се прослави со успехот на ЕП 2002 за младинци во Полска, но во сениорска конкуренција нема настап на големите натпреварувања за Македонија.

„Бев капитен на младинска репрезентација кој успешно ги мина квалификациите и беше вистинско изненадување на ЕП во Полска и пласманот на четвртото место. Делувавме како аутсајдери, физички бевме мали и ситни, но направивме огромен успех! Можевме да стигнеме и во финале. Таму имаше работи за кои ако почнам да зборувам треба книга да се напише. Паметам игравме со Полска во полуфиналето против Јурецки, Бијелецки… и водевме во поголемиот дел. Неискуство дојде до израз, тие играа и на домашен терен, дојде до нерешено во финишот и досудија пенал за нас, за финале. Како капитен ја превземав одговорноста и го промашив пеналот. Игравме продолженија, еден разлика за нив и одново пенал за нас, кој повторно јас шутирав и го промашив и останавме без финале. Потоа загубивме од Југославија и завршивме како четврти. Секогаш сакав да превземам одговорност, дури и по цена да згрешам. Имав некоја интуиција и многу ми беше тешко кога ги промашив тие пенали. Замислете каде ќе бевме сега цела таа генерација ако ги погодев!? За сениорите немам настап на големо натпреварување и за тоа ми е најмногу жал во репрезентативната кариера, не сум бил константен репрезентативец. Тогаш потешко беше, Мојсовски и Миркуловски играа на моја позиција, исклучителни, врвни играчи. Македонија е единствената покрај Хрватска која може да се пофали со таков континуитет на големи натпреварувања и колку и да жалам што никогаш не сум заиграл на ЕП или СП во сениори, горд сум што сум бил дел од тој национален тим, па и само во квалификации.“