ИНТЕРВЈУ ГЛЕБ КАЛАРАШ: Заминувам од Вардар, заминувам од дома!

По три години минати во „црвено-црните“ редови рускиот репрезентативец Глеб Калараш заминува од Вардар. Пивотменот, кој имаше дефанзивна задача, во 2018 година дојде како замена за Илија Абутовиќ и уште во првата сезона перфектно се вклопи во тимот на Роберто Парондо, кој по вторпат се запиша во европската историја. За десетина дена се враќа во Москва, прво ќе одмори, а потоа ќе одлучи каде понатаму во кариерата, откако не успеа да најде заеднички јазик со сопственикот на клубот, Михајло Михајловски.

Ракометната кариера на Глеб започнува на 16-17 години (барем онаа професионалната) иако од многу мал е во спортот. Неговиот татко е поранешен ракометар, Владислав Калараш, настапувал во АСОБАЛ и Бундеслигата, а играл на позиција лев и десен бек. Неговите родители се разделуваат кога имал 11 години и тој со мајка му се враќа во Москва, а токму таму ги има и почетоците, во Чеховски Медведи. Почнал како лев бек, но бил слаб (физички), а и конкуренцијата на неговата позиција била силна, па тренерот го менува на пикер и тука го наоѓа своето место.

Од Чеховски Медведи преминува во Санкт Петербург, потоа Мотор Запорожје, една сезона ќе биде играч на Магдебург, за потоа да дојде во Скопје и да остане три години во Вардар. Ќе биде запаметен и по тоа што требаше да замине од „црвено-црните“ редови по само една сезона (кога се најави распадот на клубот и заминувањето на Самсоненко имаше потпишан договор со Мотор Запорожје), но откако во 2019 ја освоија титулата во Лигата на шампионите и Вардар објави дека сепак ќе продолжи да функционира со старо темпо, Калараш направи сè за да се врати во Скопје.

Прерасна во миленик на „црвено-црните“ навивачи, тивок надвор од теренот, но темпераментен и борбен во игра, еден од ретките пикери кој можеби најмногу погодоци има постигнато од контра. Играч, кој многу често правеше експерименти со косата, па многумина се шегуваа дека е маскота на Вардар. Остана и кога беше најтешко, кога Сергеј Самсоненко дефинитивно замина, а се врати Михајло Михајловски и во изминатава пандемиска сезона, која завршува, беше еден од столбовите на екипата.

До крај му останува да го одработи уште двомечот со Металопластика во регионалното осминафинале пред официјално да се прости од клубот, Скопје и Македонија. По сите патешествија, европската круна, СЕХА титулата и трофеите кои ги освои во Македонија, Калараш е дециден за една работа – заминувањето од Вардар е како да си заминува од дома.

„Не останувам во Вардар затоа што не успеавме да се договориме со сопственикот Михајло Михајловски, и покрај мојата желба да останам во клубот. Вардар е една многу убава приказна за мене, клуб во кој се исполнија сите мои соништа. Знаете, секој ракометар, па и спортист, сонува да игра во голем клуб, со добра екипа, и да игра на Ф4 и да освојува титули, а јас сето тоа го имав и го добив во Вардар. И од една страна жалам што заминувам и со себе ќе понесам сè, ќе паметам сè, најмногу дека беше гласно, беше победа и иако имаше и некои тешки моменти, сè беше врв! Од друга страна имам чувство дека од Вардар, од Скопје, од тренинзите, од играчите, од менталитетот зедов сè што можеше да се земе и сега е време за следниот чекор. Заминувањето од Вардар го чувствувам како да си заминувам од дома, но исто така верувам дека има нешто друго што ме чека“, објаснува Глеб Калараш.

Дали веќе чекаат други понуди?

„Ако зборувам чесно и искрено немам понуди во моментов. Поради тоа си одам дома, во Москва да се одморам, а потоа ќе видам што и како понатаму.“

УЖАСНО ЌЕ МИ НЕДОСТАСУВА ПОЗДРАВОТ СО ПУБЛИКАТА

Глеб Калараш ќе биде уште еден од низата вардарови ракометари кои ќе заминат без да имаат шанса да се збогуваат со публиката, а тоа е она за што единствено ќе жали.

„Дефинитивно, да!“

– вели Глеб, кој дури не ме остави ни да го поставам прашањето до крај и продолжи:

„Ќе ми биде ужасно тешко што нема да можам да се простам од публиката. Но, можеби наскоро ќе се вратам – дали со друг клуб, дали некогаш повторно пак во Вардар и се надевам дека тогаш без разлика дали ќе играм против Вардар или пак за Вардар ќе бидам пречекан и поздравен со аплаузи, не со свирежи (се смее) затоа што секогаш искрено сум ги бранел боите на Вардар.“

УЖИВАВ ВО СКОПЈЕ, СЕКОГАШ ГО ДАВАВ НАЈДОБРОТО ЗА ВАРДАР

Глеб во Скопје доаѓа по една сезона мината во Бундеслигата, во редовите на Магдебург. Без размислување доаѓа во Вардар, кој тогаш е база на руски репрезентативци, а и тогашниот селектор Едуард Кокшаров е оној кој ќе го повика во вардаровиот тим.

„Во Вардар дојдов на повик на Кокшаров, кој ми кажа дека Вардар и Парондо бараат играч како мене. Претходната сезона бев играч на Магдебург, но повеќе седев на клупата, не знам од кои причини не добив шанса, не му одговарав на тренерот или не се снајдов во средината  – не знам! Кога стигна понудата од Вардар, а Магдебург ме ослободи без проблем, бев пресреќен. А и да бидам искрен чуден беше животот во Германија, досаден, таму се мора да биде ’под конец’. Во Скопје е вистинско уживање од првиот ден и со сопругата навистина имаме само убави спомени. Топли луѓе, топло време, опуштено… Сето тоа надополнето со големиот простор и слобода за игра кои ги добивав на теренот. Соиграчите одлично ме прифатија, имаше многу Руси во тој период во Вардар па не беше проблем и многу лесно да се адаптирам. Брзо го научив и јазикот. Имаше одлична атмосфера, а и бев гладен за ракомет по година дена мината на клупата. Шпанскиот систем на игра многу ми одговараше, со Парондо имавме одлична соработка, убаво се разбиравме и многу ми помогна. Остануваше и по тренинзи да работиме, да ми објасни некои работи… Ако на сето ова се додадат навивачите, полните трибини и поддршката на секој натпревар – што повеќе да кажам. Затоа секогаш сум го давал и најдоброто од себе за Вардар. Уште првата сезона се случува остварување на сонот – пласман на Ф4 и европската титула.“

Но, таа сезона не беше воопшто лесна за ниту еден од вас играчите, игравте без пари, со најава дека сопственикот заминува од клубот на крајот на сезоната…

„Да, точно е сето тоа. Сезоната беше долга и тешка, со проблеми, со финансиски долгови, но имаше некоја хемија, атмосфера, нешто нè држеше заедно без оглед на сè. Некоја бактерија (се смее) не се распаднавме, не се дававме. Нè држеше победничкиот менталитет кој секој од нас го има. Поддршката од навивачите, како и фактот дека победувавме на сите натпревари… Најважно ни беше тоа дека сме победници, парите ќе дојдеа кога-тогаш и така и се случи. А, кога стигнавме во Келн знаевме дека тоа е тоа, нема назад, одиме на сè или ништо! Ви велам имаше некоја многу силна хемија, нè држеше како железо, сите си бевме поддршка и мотиватори. Јас можеби не зборував многу, но слушав и применував. Сега помалку се чувствува таа енергија, но и факт е дека се менуваат работите и еве си заминуваме и јас и Чупиќ и Дисингер и ќе се гради некој нов Вардар.“

60 ИЛЈАДИ ЕВРА МЕ ЧИНЕШЕ ВРАЌАЊЕТО ВО ВАРДАР

Во многу специфична ситуација се најде Русинот по завршувањето на сезоната 2018/2019 во која со Вардар ја освои Лигата на шампионите. Тој имаше потпишан договор со Мотор Запорожје, но се предомисли и сакаше да остане во „црвено-црните“ редови. Тоа ќе го чини неколкумесечна нервоза и 60 илјади евра од сопствен џеб.

„Ситуацијата во Вардар беше многу тешка поради финансиската криза и по Нова Година почнав да барам клуб. Имав понуда од Мотор Запорожје и кога пред четвртфиналето со Пик Сегед и Самсоненко ни потврди дека си заминува од клубот на крајот на сезоната, зборував со Кокшаров, кој исто така немаше што да ми каже и одлучив да потпишам со Мотор З. Одигравме со Пик Сегед, се пласиравме на Ф4 во Келн и ја освоивме европската титула. По завршувањето на сезоната имавме собир на репрезентација во Скопје и Кокшаров дојде да зборува со мене и да ми каже дека сака да останам во Вардар. Ми рече дека има промена на ситуацијата, дека клубот ќе продолжи на исто ниво да функционира и следната сезона и дека ме сакаат и мене во тимот. Јас му велам дека имам потпишан договор со Мотор, а тој ми вели – како сакаш, така прави! Секако дека сакав да останам во Вардар, а луѓето во Мотор беа лути кога им кажав дека сум се предомислил. Се појавив на почетокот на подготовките, а тие ме оставија да живеам во хотел за сето време додека бев таму, не ме зедоа на подготовки со прва екипа, потоа ми дадоа уште една казна – не патував на подготвителни натпревари во Германија. За сето тоа време се обидував да најдам ’златна средина’ и бев во разговори и договори и со луѓето од Вардар и од Мотор. На крај Мотор побара обештетување и договорот беше јас да го платам мојот трансфер од Запорожје во Вардар – сам си платив 60 илјади евра.“

ВЕРУВАМ ДЕКА СО ПИСОНЕРО МОЖЕВМЕ НА УШТЕ ЕДЕН Ф4

„Имавме одличен почеток на сезоната кога се вратив во Вардар и верувам дека и на Сергеј сега му е јасно каква грешка направи што го тргна Писо (Писонеро) од тренерската позиција. Игравме одлично и имавме само еден кикс со Кил, каде треба да бидеме искрени дека не нè победи екипата, нè победи Ландин, кој имаше фантастична вечер. За тоа не требаше Писонеро да настрада, за една грешка не се носи таква одлука… Потоа дојде Кокшаров, и Алушовски, а ние продолживме само да паѓаме. Ако останеше Писонеро верувам дека и покрај короната и сè друго што се случуваше сезоната дека имавме шанса да се најдеме на Ф4. Ќе бевме или први или втори на табелата, затоа што имавме победи со големите фаворити (Веспрем, Монпеље…) во нашата група и имавме шанси, но таа сезона заврши како што заврши поради коронавирусот.“

Последната сезона ја играте во едни посебни услови, но и со нов сопственик, многу нови играчи…

„Ова беше навистина тешка сезона. Со пандемијата имавме одложени или прекинати натпревари, тренираш – не тренираш, корона – не корона, заразени – не заразени, нема редовен тренажен процес, нема простор за да влезеш во натпреварувачки ритам… Комплетен хаос! Ако ми верувате никогаш претходно и покрај сите проблеми не сум влегол во соблекувална без желба за тренинг, а оваа сезонава поради короната на моменти беше мачење. И во една таква тешка година, единствено што не сум задоволен е она што го направивме во Лигата на шампионите. Публиката многу недостасуваше оваа сезона, таа некогаш решава и 50 посто од натпреварите. Мислам дека ако ја имавме поддршката од трибините неколку натпревари ќе спасевме и ќе беа во наша полза. Во една ваква атмосфера кога е тишина имаш чувство како да си на тренинг, а кога има публика и во ситуации кога си паднат таа те крева, те мотивира, те буди кога е потребно… А вака се бориш сам со себе да најдеш мотив… Различна е емоцијата“, заклучува Калараш и продолжува: „Во Македонија освоивме двојна круна и за мене останува да го одработам уште осминафиналниот двомеч со Металопластика и ќе направам сè што е во моја моќ за да ја одработам работата до крај и Вардар да се најде во четвртфиналето на СЕХА.“

НЕ МОЖЕВ ПРОТИВ „ТУМБАЧКА“ КАКО СТОЛЕ И „ШИФОЊЕР“ КАКО САМБА

Калараш во Вардар имаше дефанзивна улога, но знаеше и да се запише во листата на стрелците, многупати и откако ќе истрча во контра-напад.

„Можам, сакам и знам дека можам да играм и во напад, но таква беше ситуацијата, немаше простор за мене. Не можам да му бидам конкуренција на Столе или со Самба, едниот мала „тумбачка“ (мала фиока) и другиот „шифоњер“ и што барам јас меѓу нив. Јас сум многу сув, не можам како нив со еден потег пола терен да ми е слободен, но никогаш не ми било проблем што играв само одбрана. Јас имам “црна работа“, затоа што одбраната, нели, никој не ја гледа, на сите им е поважно кога се постигнуваат голови. Но на крајот сите велат одбраната го добила натпреварот и јас знам дека сум си ја завршил работата. Брзо трчам во контра, па се случува понекогаш и јас да постигнам гол.“ (се смее) „Немам ниту многу искинати дресови затоа што не играм во напад. Во одбрана не те држат многу за дрес, тоа повеќе во напад.“

ОДБРАНАТА 5-1 НИ ДОНЕСЕ СЀ ШТО СЕГА ИМАМЕ

Роберто Парондо е тренерот од кој најмногу научил Русинот, односно преку него ги нашол „деталите кои биле потребни за целата машина да функционира“.

„Знаете како, од секој тренер се трудев по нешто да научам и така и ја градам кариерата. Но кога дојдов во Вардар Парондо ми даде шанса и простор и се пронајдов во шпанскиот систем. Знаев ракомет, но кога дојдов тука ги најдов деталите кои ми беа потребни за ги спојам големите делови и целата машина да функционира како што треба. И за четирите месеци кога беше Писонеро и со доаѓањето на Стевче ние ја задржавме основата – главното е 5-1 одбраната која ни донесе сè што имаме сега. Секако дека реновираме, постојано се обидуваме да имаме нешто ново, менуваме малку по малку, но во базата знаеме како функционираме.“

НЕЈМАР МЕ ИМИТИРАШЕ

Глеб често низ годините го менуваше својот изглед, најчесто експериментираше со косата и немаше проблем и да ја бојадиса во интензивна боја. Тоа беше впечатливо дури и за ЕХФ.

„Сакам да пробувам нови работи, да експериментирам со косата, можам да ја пуштам долга како на Чупиќ, или целосно да се истрижам, да ја бојадисам… Немам проблем со тоа. Да да, знам и на Нејмар му бев интересен (се смее) Јас пред него се бојадисав и тој видел дека има некоја будала на Инстаграм, и одма ме имитираше.“ (се смее)

СКОПЈЕ И ВАРДАР ЗАСЕКОГАШ ВО СРЦЕТО!

За помалку од една недела заминуваш од Вардар и од Македонија, кој е моментот кој ќе ти биде асоцијација за нив?

„Освојувањето на титулата во Лигата на шампионите беше врв и секако дека е најдоброто што ми се има случено. Момент кој ќе ми остане засекогаш врежан во срцето е враќањето во Скопје. Кога се вратив од Запорожје и се појавив во сала на трибини на некој натпревар на Вардар (не се сеќавам точно со кого играа). Не беше полна салата, но онаа публика која беше присутна го скандираше моето име и го поздрави моето враќање и тоа ми беше многу посебно. Го почувствував како враќање дома!“