Србија рутински против Словачка, Украина не направи сензација против дебитанките од Шведска

Репрезентацијата на Србија и на реванш натпреварот од квалификациите за Светското првенство во Шпанија ја совлада Словачка со 32:25. Неизвесно беше само во првите 30. минути од натпреварот кога гостинките добро им парираа на поискусните ракометарки на Србија.

Првото полувреме заврши со резултат 13:12 за Србија, додека во вториот дел избраничките на Урош Брегар влегоа во ритам и до крајот на натпреварот не дозволија слична игра на противникот како во првиот дел. Најефикасни во репрезентацијата на Србија беа Катарина Крпеж Слезак и Драгана Цвијиќ со по седум гола. Во селекцијата на Словачка стрелците ги предводеше, Барбора Ланц со шест гола.

Украина беше подобра од Шведска со 26:22, но и покрај денешниот пораз ракометарките на Шведска обезбедија учество на мундијалот во Шпанија бидејќи на првиот натпревар беа убедливи против украинскиот состав со 28:14.

Шведска денес настапи со комплетно нова репрезентација бидејќи во стандардниот ростер од 17 ракометарки имаше појава на ковид-19. Поради тоа, раководството на шведската федерација за неколку часа состави тим од 14 ракометарки, но тоа за нив немаше никаков проблем и вистински одговорија на задачата.

Шведска беше предводена од Изабел Андерсон со шест гола. Во селекцијата на Украина, Лесиа Смолинг беше најефикасна со шест гола. Место на Светското првенство во Шпанија од бараж натпреварите обезбедија и Германија, Црна Гора, Австрија, Унгарија, Русија, Чешка и Романија.