Тимот на Тиквеш остана единствен непоразен во суперлигашкиот плеј-аут, откако во Кавадарци го совлада составот на КЛ7 по голема борба со 30-27.
Кавадарчани поведоа со 4-0 и се чинеше дека ќе имаат лесна задача до крајот. Беше и 6-2, но гостите сепак заиграа поангажирано и во продолжение полека го топеа домашното водство. Намалија на 12-11, а потоа израмнија на 14-14. Сепак во последната минута од првиот дел погоди Смиљаниќ за плус еден, 15-14 за домашните на пауза.
Беше 15-15 на стартот на вториот дел, но на сцена стапи токму Смиљаниќ, кој со серија голови донесе 19-16 за Тиквеш. Домашните ја одржуваа оваа предност во продолжение, но КЛ7 не се предаваше и намали на 22-21 во последните десетина минути.
Јанчев ги водеше кавадарчани, донесе 27-24, но Ѓорѓиев и Симоноски стрелаа за минус два 28-26 на две минути до крајот. Смиљаниќ ги реши сите дилеми со голот за 29-26, а мечот заврши 30-27.