Кој е Мамаду Диоку – новата надеж на Барселона

Барселона со вкупна гол разлика од 32 погодоци го мина норвешкиот Елверум во осминафиналето од Лигата на шампионите и обезбеди четвртфинален двобој со победникот од двомечот Мотор – Брест Мешков.

Слабиот ривал беше шанса за тренерот Чави Пасквал да им даде шанса за настап на играчите со помала минутажа, а еден од нив е 21 годишниот Мамаду Диоку. Станува збор за играч со потекло од Сенегал, но со шпански пасош, кој настапува на позицијата десно крило, и кој беше дел од кадетската и младинската селекција на Шпанија.

Тој беше најефикасен на вториот меч со Елверум и постигна шест погодоци од шест обиди, па каталонскиот гигант може да се пофали дека „извади“ нов производ од својата школа на десната крилна позиција, по Виктор Томас, кој не е повеќе активен на терените.

Диоку настапува и за вториот тим на Барселона во Втората лига на Шпанија, а од сезоната 2018/19 е вклучен и во првиот тим. Оваа сезона најчесто игра во Асобал лигата и на 21 меч даде 67 голови, додека во ЛШ настапи на четири дуели и постигна девет погодоци.