Репрезентацијата на Унгарија ја совлада Србија со 31:23 во квалификациите и си обезбеди место на Летните Олимписки игри во Токио. Иако пред стартот, Србинките најавуваа добра игра и изненадување, Унгарките им ги урнаа сите соништа.
Унгарија во целина беше помоќен противник во текот на целиот натпревар. Домаќинките во Ѓер кои беа формално гости, преку Ковачич и Солоши Зачик стигнаа до водство од 3:1 во првите минути од натпреварот. Ракометарките на Србија се вратија во игра и преку Трифуновиќ намалија на еден разлика, 5:6.
Сепак поголемата ротација кај Унгарките и расположената Бланка Биро меѓу стативите беше причина за нивното највисоко водство од 11:7. Во последните осум минути од првиот дел, Србија направи неколку технички грешки, а Унгарија со одличната игра стигна до 16:12 на полувреме.
Второто полувреме започна со серија на голови на двете страни. Во периодот од 35. минута селекцијата на Србија немаше решение за расположените Ковачич и Лукач кои беа нерешлива енигма. Водството на Унгарките се зголемуваше од минута во минута, а искусните ракометарки на спротивната страна, Цвијиќ, Трифуновиќ и Дмитровиќ беа целосно затворени. Унгарија рутински го одржуваше водството во последните десет минути.
Најефикасана во Унгарија беше Сандра Солоши Зачик со седум гола. Во таборот на Србија, Марина Дмитровиќ одигра солидна партија со шест гола.