Мојсов: Ова е голема победа за нас, покажавме дека сме тим

Тимот на Еурофарм Пелистер одигра одличен натпревар и без најдобриот стрелец Стипе Мандалиниќ го совлада данскиот ГОГ Гудме со 32-31.

Асистент тренерот на битолчани, Божидар Мојсов, вели дека ова е голема победа за нивниот тим.

„Знаеме кој е ГОГ Гудме, очекувавме ваков тежок натпревар, тие имаат четири светски прваци. Ова за нас е голема победа, надминавме многу проблеми со кои се соочуваме. Вечерва покажавме дека сме тим, дека можеме да сметаме на секој играч. Многу сме среќни поради победата, но најважно е тоа што добивме комплетна екипа, нема повеќе прва или втора постава“, кажа Мојсов.

Со овој триумф битолчани се на чекор до осминафинале во Лигата на Европа, а следен предизвик за нив ќе биде дуелот со германскиот Рајн Некар Левен.