Ракометарите на Еурофарм Пелистер дојдоа до победа од 32:31 против ГОГ Гудме во натпревар од Лигата на Европа и се најдоа на патот кон осминафиналето во натпреварувањето. Одличната игра особено во второто полувреме донесе големи два бода за тимот од Битола и хет-трик на победи во Лигата на Европа во период од осум дена.
Пред средбата беше јасно дека покрај Кушан на теренот нема да може да биде ниту Стипе Мандалиниќ кој исто така се жали на повреда. Мораше да се тактизира и да се зачува за следните натпревари, а неговите колеги одлично го отворија натпреварот.
Еурофарм Пелистер водеше од почеток и стигна до 5:2 и 6:3 кога дојде мала криза и гостите ја презедоа иницијативата и предноста на натпреварот. ГОГ стигна до 7:6, па успеа постојано да биде во гол или два позитива. Домашните постојано се бореа за да израмнат, а им успеа на четири минути пред заминување на одмор на 13:13.
Како одминуваше времето до крајот на првото полувреме така продолжуваше сè во ист стил односно ГОГ беше во гол предност, а Еурофарм Пелистер израмнуваше. Со тоа на одмор тимот од Битола имаше негатива од 15:16.
На почетокот на второто полувреме гостите продолжија да се во еден или два гола позитива и играа во ист стил. Така одеше до 38. минута кога при 20:22 се разиграа Кукуловски и Костески во нападот. Еурофарм Пелистер тргна силно и во 43. минута имаше 25:22. Сосема спротивен распоред на силите и поставеност на теренот така што можеше да се игра далеку помирно и да се чува предноста.
Гостите се вратија на гол негатива, но никако не можеа да израмнат. Хендави бранеше одлично, и ова даваше резултат. Разликата од три гола се чуваше во голем дел од средбата, а во последните три минути се влезе со 32:30. Имаше и малку поостри стартови, па почнаа исклучувања и на двете страни така што беше јасно дека нијанси ќе одлучуваат за победникот.
На плус два се избрза со еден шут, а тоа резултираше со брз гол за гостите за намалување на гол разлика. Периќ биеше за плус 2, но Халгримсон одбрани. ГОГ Гудме отиде да игра за бод во последниот напад, но ракометарите се прекомбинираа, па победата им припадна на ракометарите на Еурофарм Пелистер.