Хрватскиот вицепрвак Нексе вторпат во два дена беше подобар од турскиот Бешикташ, овојпат со 31-25 и се наоѓа на чекор до пласман во осминафиналето на Лигата на Европа. Блескаше голманот Радовановиќ со 16 одбрани, а Родин беше најдобар стрелец со пет гола.
Шведскиот Кристијанштад го оддалечи романскиот Динамо од елиминациите по триумфот со 28-29 среде Букурешт. Стрелец на победничкиот гол од пенал беше некогашниот вардарец Грегор Оцвирк во последните секунди од мечот.
Чеховски Медведи без поголеми проблеми на домашен терен го совлада австрискиот Фиверс со 30-25, додека победа оствари и вториот руски претставник во Лигата на Европа. ЦСКА Москва, иако без голманот Виктор Киреев, не виде мака против шведскиот Алингсас и победи со 31-23.
Драматично беше во Берлин, каде Фуксе одигра нерешено со францускиот тим во меч со 68 голови, 34-34. Виде донесе предност за домашниот тим во последната минута, но сепак гостите успеаја со бод да се вратат дома и да се доближат чекор поблиску до елиминациите.