Ракометарите на Еурофарм Пелистер се изборија за втора победа во Групата Д од Лигата на Европа откако денеска го совладаа составот на Татабања со 21:19 и на тој начин дојдоа до важни два поени во еден многу тежок натпревар.
Тренерот Жељко Бабиќ вели дека е горд на неговите играчи кои покажаа борбена игра и стигнаа до триумф.
„Знаеме дека Татабања е цврст тим, игра цврста одбрана, па можеби затоа не гледавме убав ракомет. Игравме силни одбрани и чекавме грешка на ривалот за да направиме предност. Благодариме на сите кои ни помогнаа да оспособиме дел од повредените играчи. Навистина убаво е да се победи се боревме за секој топка и секој милиметар, горд сум на моите играчи и им се заблагодарувам за овој триумф. Утре имаме нов натпревар, нов предизвик, но знаеме како игра Татабања, никогаш не се предава и се бори за секоја топка, секогаш игра тесни натпревари. Се надевам дека ќе успееме да се опоравиме и утре да одиграме исто“, вели Бабиќ.
Вториот натпревар меѓу овие две екипи се игра утре во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток во 17:00 часот.