Кога Лино Червар ќе даде за некого препорака тогаш вратите се отвараат лесно, а вложениот труд и самопожтвуваноста доаѓаат како награда. Поранешниот ракометен репрезентативец на Македонија и тренер на голмани во Металург, Петар Мисовски (44) ќе ја почне интернационалната тренерска кариера во Катар. Таму ќе работи во тимот на познатиот светски тренер Валеро Ривера кој го побарал да дојде во неговиот тим, откако за работата на Мисовски многу пофални зборови кажал Лино Червар.
Мисовски и Червар соработуваа во Металург, во еден период како тренер и голман, а потоа и како дел од стручниот штаб. Мисовски заминува во Доха каде веднаш ќе се приклучи во работата со голманите во младинската репрезентација на Катар, но ќе работи и заедно со Ривера. Во Катар во моментов се наоѓа и Звонко Шундовски, кој е тренер на екипата на Ал-Рајан.
Ова ќе биде прво тренерско искуство за Мисовски надвор од Македонија откако пет сезони беше дел од Металург. Во тој период работеше со повеќе голмани кои веднаш потоа направија интернационални трансфери и сега со успех бранат во неколку странски првенства пред се Дарко Арсиќ и Мартин Томовски.
Лани на три натпревари привремено беше и прв тренер на Металург по заминувањето на Дамир Стојановиќ и имаше три победи.
Финансиската несигурност што подолго време владее во Автокоманда е особено изразен последниве две сезони, и сите имаат неисполнети ветувања и празни банкарски сметки. Уште летото за Мисовски беа заинтересирани клубови од Персискиот Залив, но тогаш клубот го блокираше неговиот трансфер. Сега Катарците беа многу поупорни, а со оглед на тоа што во Металург беспарицата се уште трае, без најави за надминување на финансиските проблеми заминувањето на печалба беше логичен потег.
„Би сакал да се заблагодарам на Металург и на сопственикот Минчо Јорданов, како и на Лино Червар кои во 2015 годин ами овозможија да ја почнам тренерската кариера. Работевме посветено и квалитетно и после долго време создадовме квалитетен македонски голман кој кариерата ја продолжи во Бундеслигата и стана сениорски репрезентативец. Му посакувам успешни сезони на клубот на кој му бев лојален кога му беше најтешко, вели Мисовски.
Tрансферот во Катар е реализиран со посредство на Назих Ајлани и неговата агенција АБ Скај.
Иако клубот сезонава се засили со неколку странски играчи и влезе во групната фаза од Лига Европа, тренерот Зоран Кастратовиќ си замина исто така поради неисплатени плати. Во домашното првенство Металург е прв во својата група и се пласираше во плејофот, но првпат во последните 10 години „врза“ два загубени натпревари, особено на домашен терен од македонски клуб.
Како дел од Металург, Мисовски во 2019 година го освои Купот на Македонија во годината кога градскиот конкурент Вардар стана европски првак и победник во СЕХА лигата. Сините победија на финалето прекинувајќи ја петгодишната целосна доминација на Вардар. Во тој период Металург играше четирипати во групната фаза од ЕХФ лигата на шампионите.
Како играч Мисовски има настапувано за Пелистер, Вардар Ватростална, Металург и Пролет, во домашното првенство, и во Замет (Хрватска), Нит ХАК Нитедал (Норвешка), Силкеборг (Данска), Трелеборг (Шведска), Шкофа Лока (Словенија), Истанбул (Турција). Има пет титули во Македонија и пет Куп трофеи, сите со екипите на Пелистер, Вардар и Металург.