Тимот на Еурофарм Пелистер го очекува натпреварот од 4. коло во Лигата на Европа против бундеслигашот Рајн Некар Левен.
Битолчани веќе пристигнаа во Манхајм и вечерва ќе тренираат пред утрешниот натпревар. Тренерот Жељко Бабиќ вели дека не го загрижува падот во играта против Кадетен.
„Бевме под корона во минатиот период, но мене не ме загрижува падот во вториот дел од натпреварот против Кадетен Шафхаузен. Тоа е нормално. Игравме добро во првиот дел, водевме, но потоа паднавме физички и не издржавме. Момците дадоа што имаа, но нетренирањето и коронавирусот оставија трага“, вели Бабиќ.
Рајн Некар Левен сигурно е посилен тим од Кадетен, па стратегот на македонската екипа ја препушта фаворитската улога на домаќинот.
„Што се однесува до натпреварот во Германија, Рајн Некар Левен е фаворит, силна екипа и лидер во Бундеслигата. Но, јас се радувам на натпреварот, нас ни е многу важно да играме, не треба да заборавиме дека сме потполно во контра ритам. Немаме натпревари, не трениравме и нас сè ни е добро, без разлика што Рајн Некар Левен е силен тим. Се надевам дека ќе одиграме како и секогаш цврста одбрана. Притисокот мислам дека нема врска ни за нас, ни за нив. Треба да бидеме опуштени за да го дадеме максималниот потенцијал. Но, верувам дека притисокот нема врска и секој ќе го даде максимумот“, заврши Бабиќ.
Натпреварот меѓу Рајн Некар Левен и Еурофарм Пелистер се игра утре со почеток во 20:45 часот.