Точно е тоа дека успеавме да го совладаме Вардар на две средби во подготвителниот период, но пријателски средби се едно, а официјални натпревари нешто сосема друго. Никој не може да знае што ќе се случи после 7, 8 или 10 месеци
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ во последните денови имаше многу работа бидејќи покрај редовните тренинг обврски правше и анализа на сето она што тој и момците го сработеа досега од стартот на подготовките. Поминаа многу тренинзи, но и контролни натпревари и турнири, па требаше да се подвлече линија и да се види до каде е формата на тимот. Го освоија турнирот во Струга, па го победи Вардар 1961 во Скопје, па беше второпласиран на турнирот во Атина…Се темпира формата за почетокот на сезоната во Лига Европа и во СЕХА Газпром лигата.
Клубот кој годинава најавува атак на висок пласман имаше импресивна серија од десетина победи пред да загуби од Аек во Атина, а Бабиќ во интервју за 24 Ракомет го објасни сето она то во минатиот период успеал да го забележи како недостаток на кое ќе треба да се поработи во следниот период.
„Генерално уште од стартот на подготовките влеговме со една цел да одработиме добро, но да се зачуваме од повреди. Се потрудивме да ја кренеме атмосферата со чести тим билдинзи. Целата работа на стартот секако беше поврзана и со тоа дека знаевме дека одиме на турнир во Струга. Самиот процес на работа уште на почетокот покажа дека силата на овој тим ќе биде одбраната. Успеавме да добиеме цврстина и да поставиме одредена игра. Сепак, се појавија проблеми. Се виде дека имаме проблем во делот на премин од одбрана во напад и начинот на кој се движиме. Имавме и мали проблеми околу поставеноста во нападот на позиционираноста на протинивкот. Се виде и дека имаме недоволна уиграност во бековската линија односно дека ни недостига поголема синхронизираност меѓу бековите“, вели Бабиќ во интервју за 24 Ракомет.
Првите недостатоци во однос на нападот и бековската линија ги забележал уште на турнирот во Струга, но вели и дека ќе има доволно време за да го поправи сето ова до почетокот на сезоната во Лигата на Европа.
„После Струга ја направивме првата анализа и видовме дека нѝ треба поголема брзина во фазата на премин од одбрана во напад. Вториот дел од подготовките беше со одигрување на контролни средби со тимови од Македонија. Повторно се видоа истите работи како и на турнирот во Струга, но имаме доволно време сето тоа со работа да го отстраниме. Имаме тактичка дисциплина така што ќе мора да се подобруваме. Имаме уште работи кои нѝ недостигаат за да можеме да играме на нивото кое според мене е потребно за надигрување во Европа. Потребни нѝ се натпревар, но и стрес ситуации за да видиме како момците ќе одговорат“.
Проблем на турнирот во Атина особено на главниот дуел за првата позиција против домаќинот бил недостатокот на некои играчи кои се пожалиле на повреда.
„Ние одигравме турнир и во Атина, а таму загубивме од домаќинот. Сметам дека нема простор за паника од тој пораз бидејќи се соочивме со проблеми односно со повредени играчи. Не можевме да бидеме комплетни. Имавме 2-3 играчи на кои не можевме да сметаме на тој дуел, а се надевам дека не е ништо сериозно и очекувам до 1 октомври да бидеме комплетни. Оттаму нашиот таргет во моментов е да ги вратиме сите ракометари на теренот. Генерално сме добро покриени на сите позиции. Сите заедно го правевме тимот и јас сум задоволен. Сметам дека имаме тим каков што ни е потребен во моментов. Сепак, останува времето да покаже колку и јас како тренер сум бил во право. Има многу работи кои ќе говорат за тоа. Резултатите секогаш се важни, но некогаш има и други работи кои влијаат за да се добие севкупна оценка за она што е сработено. Сите ние работевме заедно и заедно носевме одлуки кога решававме кои играчи ќе бидат засилување“.
Проблем плус може да биде и фактот што до стартот на групната фаза во Лигата на Европа составот на Еурофарм Пелистер нема да има официјална средба. Клубот не игра во домашното првенство, а СЕХА уште не е почната и нема ни најава кога би стартувала.
„Во однос на другите тимови кои ќе играат во Лигата на Европа ќе бидеме во една незавидна ситуација бидејќи ние дотогаш ќе немаме официјална средба, ќе немаме вистински стрес ситуации на терен кои секогаш се потребни. Јас би сакал СЕХА лигата да стартува што е можно порано, но засега нема информација кога би можело да се случи тоа. Ова ќе биде на некој начин хендикеп. Доколку немаме можност да играме такви натпревари јас како тренер ќе мора да најдам одредена солуција“.
Интересен е моментот околу Вардар. Шампионот на Македонија двапати загуби од Еурофарм Пелистер. Првпат во финалето на турнирот во Струга, а потоа и во Скопје на контролна средба.
„Точно е тоа дека успеавме да го совладаме Вардар на две средби во подготвителниот период, но пријателски средби се едно, а официјални натпревари нешто сосема друго. Никој не може да знае што ќе се случи после 7, 8 или 10 месеци. Ниту ние како Еурофарм Пелистер ниту Вардар тоа не можеме да го знаеме. Сметам дека ова беше добро и за нас и за Вардар. Воедно се создава одново ривалство кое е секако добредојдено за македонскиот ракомет“.
Покрај тоа што вели дека е задоволен од тоа со каков тим располага и дека не се планираат одредени измени, вели дека во моментов не може да се прават споредби со Вардар за кој смета дека освојувањето на двете титули во Келн не се случајни туку плод на добра работа.
„Јас како тренер сум задоволен во Еурофарм Пелистер и од условите кои тука ги имам за работа. Ние не можеме да се споредуваме со Вардар ниту со други екипи. Вардар е одличен клуб и јас го почитувам. Тоа што двапати беше шампион на Европа не е воопшто случајно. Истото важи на пример и ако Вардар го споредите со Барселона, веднаш ќе наидете на разлика и затоа тука не можеда се споредува. Меѓутоа кога е во прашање битката за титулата таму не победува секогаш најдобриот. Тогаш се важни и некои други моменти. Тогаш решаваат нијанси, решава кој има комлетен состав на терен, кои играчи се подготвени за игра, кој има помалку повредени, кој успеал подобро да го реши периодот со корона…“
Посакува да го види и Металург во групната фаза од Лигата на Европа со што Македонија би била една од ретките земји кои би имале три екипи во групната фаза од европските купови.
„Го ценам и Металург. Овој клуб исто така има одличен тренер кој добро си ја врши својата задача. Јас би бил пресреќен кога би го видел и Металург во групната фаза од Лигата на Европа. Кога би успеале во тоа тогаш би направиле премногу бидејќи така би добиле три екипи од Македонија кои би играат групна фаза во Европските купови, а ова секако ќе биде добро и за македонскиот ракомет, но и за македонската репрезентација. Воедно ќе има и зголемено ривалство. Ова може да биде само добро. Така се крева квалитетот, а и ривлаството станува сè поголемо и тоа дава многу и за тимовите и нивниот напредок“.
Што се однесува до репрезентацијата на Македонија имаше краток коментар околу тоа дека сега е во процес смена на генерацијата и дека во брзо време очекува тоа да се заврши и да се дојде до блесок од новите момци.
„Во националниот тим на Македонија сега има смена на генерации. Јас очекувам тоја да се случи за брзо време и Македонија одново да биде во врвот. Се вложува многу во македонскиот ракомет и тоа е факт. При едно такво вложување не може да не излезат нови играчи. Верувам дека наскоро ќе се успее и во тоа и дека ќе се добие она што се посакува“, рече тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ во интервју за 24 Ракомет.
Екипата на Еурофарм Пелистер е веќе пласирана во групната фаза од Лигата на Европа така што беа избегнати квалификации, а останува наскоро да се дознаат имињата на противниците и потоа да може да се насочи вниманието на подготовка на ривалите со кои ќе се игра и ќе се бара место во елиминациите.