ИНТЕРВЈУ ПАТРИК ВАЛЧАК: Сфатив каде дојдов – Вардар значи борба до крај!

Последниве години се навикнавме македонските ракометни клубови да станат „Мека“ за балканските ракометари, но и за Руси, Шпанци, Грузијци... По некое германско и француско освежување, а сезонава премиерно имаме и Полјак во редовите на европскиот првак Вардар – Патрик Валчак.

Насмеан и непосреден, 28-годишниот Полјак, потенцираше дека не побарал совет или консултација од никој пред да дојде во Скопје. Добил понуда која му се допаднала, имал познавања за Балканот и неговата култура од претходните соиграчи кои ги имал од овие простори и по настапи за клубови во Полска, Франција и Германија одлучил да го прифати предизвикот и да дојде во Македонија.

Интересно за него е што почнува да тренира ракомет на 15-16 години, претходно бил кошаркар. На почетокот на кариерата играл на позиција лев бек, за по две години да го прекомандуваат на пикер. Ракометот не е единствениот негов фокус. Од неодамна во родниот град има приватен бизнис, кој го води со сопругата (имаат и двегодишна ќерка), а истовремено тој се образува, односно втора година е на мастер за кондициски тренер. Претходно завршил факултет за физиотерапевт – и двете професии би продолжиле да го врзуваат со спортот по крајот на неговата кариера.

По два месеци во Скопје, Патрик, кој е еден од деветтемина нови вардарци, делува како без проблем да се адаптира во новиот клуб, а веќе имаше и момент на херој со постигнувањето на последниот гол против Нексе во СЕХА, кој ги однесе на Ф4 во Задар.

„Херој! (се смее) За мене не е важно дали сум го дал првиот или последниот гол, важно е дека сум придонел за тимот. Среќен бев за тој погодок, но факт е дека имавме многу шанси од претходно да го решиме мечот и поради наши грешки не го сторивме тоа. Бев среќен и изненаден од пораките од навивачите кои ги добив по натпреварот, добив многу честитки и тие беа среќни и благодарни за погодокот што ме направи и мене уште повеќе среќен. Уште учам. Полека влегувам во системот и да станувам сè подобар и подобар…“ – најавува Валчак.

ДИМЕ Е МОЈОТ МАКЕДОНСКИ БРАТ, СТОЛЕ ГЛАВНАТА ПОДДРШКА

Полјакот веќе знае што значи „црвено-црно“ семејство и вели дека се чувствува како дома. Соиграчите одлично го прифатиле, Димитар Димитриоски, кој бил негов цимер во Задар го нарече „македонски брат“, а вели дека најголемата помош за да се вклопи во тимот, но и во системот на игра ја добил од капитенот Стојанче Стоилов, од кој има комплетна поддршка.

„Одлично се адаптирав во екипата, имам одлична комуникација со момците и за мене се е супер. Ќе мора да ги прашате останатите како им е со мене (дофрла и се смее). Имаме убава атмосфера во тимот, во соблекувалната. Мислам дека полесно се адаптирав затоа што го познавав малку шпанскиот систем на игра од Келце, но и од настапите за репрезентација каде селекторот исто така настојува да играме. Сепак уште учам, детали, нови аспекти… Целиот тим, особено оние со подолг стаж во Вардар имаат големо трпение за нас новите. Многупати знаеме и да прекинеме тренинг за во детали да се објаснат некои работи. Столе ми е голема поддршка. Играме на иста позиција и тој се труди се да ми објасни, да ме воведе во сè, ме корегира… Имам многу помош од соиграчите. Давам се од себе затоа што знаеме каква е ситуацијата во моментов, без Столе сме, а тоа е голем минус за нас, и давам се од себе да му помогнам на тимот.“

Пикерот зборува неколку јазици, а од неговото искуство сфатил дека за најдобро да се вклопи во еден тим, мора да го научи ракометниот јазик.

„Нешто што научив низ годините е за најлесно да се вклопиш во екипата треба да го научиш ракометниот јазик. Затоа немам проблеми на тајм-аут. Уште  учам македонски, ги користам момците од екипата, на пример кога одиме на кафе и тие зборуваат пробувам да ги разберам сам, а кога не разбирам прашувам. Диме (Димитриоски) кој ми е цимер, тој е мој македонски брат (се смее) ми помага многу. Одлично момче и секогаш можам да му се обратам нему. Прв збор, кој го научив на македонски беше ’МОЖЕ СМЕТКА’. Многу често одиме на кафе со момците. По секој тренинг, кафе, тоа ни е како ритуал за да се дружиме и да ја градиме хемијата во тимот.“

Во некои од нашите претходни разговори се дел од постарите играчи во Вардар имаше изјави дека новите ракометари треба да сфатат кој е Вардар и каде се тие дојдени. Во контекст на ова морав да прашам дали по два месеци Патрик успеја да сфати како функционираат работите во Вардар?

„Во моментов можам да кажам дека Вардар е тим кој без разлика што и да се случува тој секогаш се бори до крај.  Мотивирани се на теренот во секој момент и мислам дека тоа е главното правило во екипата – без разлика што се случува, без разлика колку грешки и да направиш, мора да се остане на теренот и да се бориш. Се бориме ’сите за еден и еден за сите’ и тоа е најважно. Многу е слично со врската со фановите. Фановите нè мотивираат да се бориме, а ние се бориме за да возвратиме соодветно за поддршката. Мислам дека тоа е Вардар.“

Полјакот експресно го научил и главното правило, па само кога споменав дека соблекувалната е силата на Вардар, тој одговори:

„Можам да кажам само едно нешто – она што се случува во соблекувалната останува во соблекувалната.“

МИСЛИМЕ САМО НА МЕШКОВ БРЕСТ

Вардар веќе загуби две финалиња во овие два месеци. Едно претсезонски во Струга и претходниот викенд регионалната титула во Задар. Уште екипата се бара по сите играчки промени или се случува нешто друго?

„Ја имаме хемијата во тимот, но на ова ниво најважните работи се деталите. Двете финалиња ги загубивме поради детали. Мора да работиме на тоа. Во моментов сме фокусирани на Мешков Брест. Во Задар видовме кои се главните играчи, дека на Јака Малуш ќе мора многу да внимаваме…“

НЕТРПЕЛИВО ГО ЧЕКАМ МОМЕНТОТ КОГА ЌЕ МОЖЕ ДА ИГРАМЕ ПРЕД ПУБЛИКА

Валчак неколкупати ги спомена навивачите во нашиот разговор, но она што се нетрпение го очекува е моментот кога ќе може да се играат натпреварите со публика, за да може да ја почувствува вистинската хемија меѓу екипата и навивачите, која досега ја гледал само на видео.

„Се уште го чекам моментот кога арената ќе биде отворена за фановите и кога ќе може да ја почувствувам атмосферата. Според пораките кои ги добив, но и она што сум го гледал на видео јасно ми е колку е силна врската и колку голема хемија има меѓу навивачите и екипата. Но ништо од тоа не може да се спореди со атмосферата во салата. Тоа ќе го чекам со нетрпение. Немав шанса со Келце да дојдам во Скопје. Имам играно во Франција, Германија и во Келце, секако, салите се полни, но со фановите на Вардар е поинаку. Тие се посебни навивачи, фанатици, живеат со тимот и како и тие да играат на терен. Таков впечаток имам иако тешко ми е да направам реална споредба со нешто, затоа што уште не сум го почувствувал, само сум го видел. Со нетрпение го чекам тој момент.“

ВАРДАР ПРЕД КЕЛЦЕ

Како Вардар во Македонија, така е Келце во Полска и сон на секој полски ракометар е да игра таму. Валчак неполна година бил дел од тимот на Талант Душебаев, но не успејал да се вклопи. Доколку одново имал шанса да се врати таму, вели би го одбрал Вардар пред Келце.

„Кога отидов во Келце бев млад играч. Дојдов во олимписка година и на подготовки имаше само двајца или тројца играчи од првиот тим. Останатите кога се вратија од Олимпијада по само два тренинга патувавме на Супер Глоуб. Немаше време за да се вклопам во екипата. Беше тешко и некаде во средината на октомври заработив повреда, па следеше пауза и сè се искомплицира. Не можев да се снајдам во системот на Талант. Претходно играв само во мојот матичен клуб каде се играше типичен  скандинавски или германски ракомет (силно и агресивно), а во Келце за кусо време требаше да научам да играм попаметен ракомет… Веќе сум бил играч на Келце, и сега ако требаше да бирам Вардар или Келце, тешко е да кажам, но мислам дека пак би го одбрал Вардар затоа што сакам да пробам нови работи, нови предизвици.“

Зошто Вардар? По сите перипетија и турбуленции кои му се случија на клубот, зошто се одлучи да дојдеш во Скопје?

„Вардар е голем тим и може да се слушне од сите играчи само добри работи за екипата, за атмосферата, за луѓето… Не бев многу фокусиран на она што се случувало во минатото затоа што оваа сезона има нова управа во клубот и се надевам дека се ќе биде добро во тој аспект. Исто така и поради промената на системот во Лигата на шампионите, сега има 16 екипи и сакам да ја искористам шансата да играм против најдобрите клубови во Европа. Играв ЛШ со Келце, но не е исто.“

УЖИВАМ ВО СОНЦЕТО ВО СКОПЈЕ

По Полска, Франција и Германија, Патрик Валчак доаѓа во Македонија, каде засега ужива поради сончевите денови, насмеаните лица и за него секој ден е перфектен.

„Не ми беше проблем да се адаптирам затоа што сум играл со балкански ракометари во неколку клуба и знам за културата, го разбирам и јазикот малку што не е лошо. Среќен сум затоа што е комплетно различно од Германија и Франција. Луѓето се посреќни, отворени, посигурни во себе… Мислам дека тоа е поради времето, има многу сонце, уживам на сонцето и секој ден е перфектен…“

Патрик не успеал никаде да прошета, ниту во Скопје, ниту низ Македонија, но за тоа ги чека сопругата и ќерката кои ќе пристигнат за две-три недели.

„Не сум бил никаде. Се договорив со сопругата дека ќе шетаме заедно, а тие со ќерката доаѓаат за две-три недели и мислам дека исто така ќе уживаат тука. Сакаме да ја видиме Матка, ЗОО во Скопје, ако имаме шанса да одиме во Охрид, а верувам дека ќе има уште многу места кои вреди да се посетат. Во моментов сум фокусиран на ракомет и на сезоната, да организирам се дома за нивното доаѓање… Да бидам искрен два месеци сум тука и не можам да кажам ништо лошо за Вардар и за Скопје. Ми се јавуваат и пријатели и селекторот пред некој ден, но барем засега треба добро и долго да се замислам пред да најдам некоја негативна ситница.“