ДАВИД ДЕЈВИС: Сè во Веспрем ме потсетува на првите години во Вардар!

Историскиот успех на Вардар му се препишува на големиот „Ел Команданте“, Раул Гонзалез, но факт е дека тој до кровот на Европа, „црвено-црните“ не ги однесе сам, туку го имаше Давид Дејвис до себе. За асистентот на Гонзалез, Вардар исто така беше „отскочна штица“ која од тренер-почетник го промовираше во групата на најбарани шпански стратези на денешницата.

Дејвис сега седи на клупата на унгарски Веспрем, оној, кој пред само четири дена ги симна вардарци од пиедесталот во регионалниот ракомет. Во финалето Веспрем го порази Вардар со осум гола, кои според статистиката се втората највисока гол-разлика во финале на СЕХА Ф4. Но, Шпанецот најдобро знае против кој имаше работа и тоа го прокоментира во разговор за 24ракомет.

„Знам како функционира Вардар, го знам системот. Бевме подготвени на се, како во напад, така и во одбрана“, кусо рече Дејвис за финалето, а потоа се надоврза: „Вардар е местото каде со Раул изградивме тим според наш систем, од нула, па се до врвот на Европа. Тоа беше одлична можност за нас, и ја искористивме најдобро што знаевме и можевме. Кога ќе погледнам наназад првите две години во Вардар беа апсолутно совршени во секој поглед. А, потоа веќе не беа. Сите работи стануваа се повеќе и повеќе комплицирани.“

Давид првпат како главен тренер на еден тим го крена трофејот на СЕХА лигата викендов во Задар и го прослави успехот и со Македа, Борозан, Шишкарев, Мораеш, Манасков… на кои им беше тренер и во „црвено-црните“ редови. Логично, побаравме да направи паралела меѓу двата клуба.

„Во Веспрем се функционира како швајцарски часовник и работите многу ме потсетуваат на првите години во Скопје. Единствено што е подобро е дека патувањата се покуси, поблизу сме до поголемиот број на клубови со кои се натпреваруваме и има подобри конекции.“

Скоро половина Вардар го зеде во Веспрем…

„Сите клубови ги сакаат најдобрите слободни играчи. Ракометарите на Вардар беа слободни и нормално е дека добро ги познавам и сакам да работам со нив и затоа сега се тие тука во Веспрем. Исто така и ‘пазарот’ не е многу голем кога зборуваме за играчи на високо ниво па нормално да го сакам најдоброто во мојот тим.“

КЛУБОТ ОДЛУЧИ ДА НЕ ОСТАНАМ ВО ВАРДАР

Кога Раул Гонзалез потврди дека ќе го превземе француски ПСЖ, многумина го гледаа Давид Дејвис на неговото место, па дури и тој самиот кажа дека стои на располагање доколку клубот смета на него. Но наместо Дејвис, функцијата му припадна на Роберто Парондо.

„Во Вардар дојдов на повик на Раул и јас прифатив со задоволство. Кога клубот побара моја помош за да работам со женскиот клуб прифатив и тоа двапати. Јас сум професионален тренер и моето место е достапно за секого, а зошто не останав во Вардар, тоа е одлука на клубот.“

ОД СКОПЈЕ И ВАРДАР ИМАМ САМО ДОБРИ СПОМЕНИ

По заминувањето од Скопје, Дејвис имаше понуда да го превземе женскиот тим на романски ЧСМ Букурешт, но наместо тоа одлучи да седне на селекторската позиција на машкиот национален тим на Египет… Неполна година потоа се врати во Скопје како стратег на Веспрем.

„Египет прв ме контактираше и веќе беше се договорено, а една недела подоцна стигна понудата од Букурешт. Се обидов да направам некоја комбинација, но беше невозможно, морав да се преселам во Каиро, па затоа ги одбив… Потоа се појави Веспрем. Мојата работа не се промени многу по заминувањето од Скопје. Запознав различни земји, култури и традиции, нови лица, но работата, ракометот, спортот, љубовта и страста се исти… Уживам во се!“

По се што мина во Вардар и Скопје вели дека од Македонија му останале само убави спомени.

„Имам само убави спомени и од Вардар и Македонија. Преполна арена, полн плоштад, ‘црвено-црни’ знамиња, многу љубов и поддршка… Народ кој живее за ракометот и кој го сака ракометот.“