Малкумина веруваа дека Вардар во 2017 година од дебитант на Ф4 во Келн може да седне на кровот на Европа. Но, она што другите не го знаеја е колку навистина вреди секој поединец во Вардар и како таа индивидуа го прави тимот цел и комплетен.
„Златната“ вардарова генерација сега е распрскана низ Европа, но „црвено-црните“ нишки и натаму ги држат другарите во контакт.
„Таа екипа имаше сè!“ – вели Чупиќ во интервјуто за 24ракомет и продолжува: „Штербик беше 50 посто од екипата. Без голман не можеш ништо, а тој беше тука кога и да ни затребаше. Средни бекови Циндриќ и Карачиќ кои колку што беа слични во игра, толку беа и различни и го водеа тимот перфектно. На десна страна Алекс, финтер, шутер, многу разбира ракомет. Македа, за мене еден од најдобрите тимски играчи кои ги имам запознаено во кариерата. Тој дава 500 посто од себе и на тренинг и на натпревар, и пример е за сите што значи да бидеш дел од екипа. На десно крило јас со Шишко. Добри другари сме и една од најтешки работи во моментов ми е што избрза и потпиша за Веспрем и не остана тука. Играв со многу добри играчи на мојата позиција и имав супер комуникација со сите нив и во клубови и во репрезетација, но со Шиш едноставно бевме толку различни секој со својата игра, а како тандем го дававме она што комплетно му е потребно на Вардар од десно крило. Тимур на левата страна – машина за голови, голгетерот на тимот, секогаш гладен за голови, мислам дека до 50-тата ќе ’забива’. Борозан на лев бек, кој таа сезона експлодира и секогаш кога ни беше тешко и кога требаше некој да даде гол, тој ќе го стореше тоа низ ѕид. Кањељас – играч кој не греши. Можеби е спор, можеби нервираше многумина, па дури и нас, но човек кој нема да загуби топка, нема да згреши во одбрана, секогаш знае каде му е местото, кај него не може да се најде грешка. Она што тренер го сака и што на екипата и е потребно, таа некоја сигурност и мир во играта, тренерот го ставаше во игра и тој ќе го испочитуваше тоа. Задна линија – три машини, Столе на свое ниво, капитен, борец. Марса, кој имаше свои моменти низ сезоната, цело срце го даваше за екипата, најголем емотивец во тимот, на кого му беше најтешко кога ќе одигра лошо, затоа што со тоа мислеше дека ги изневерил другарите во соблекувалната. Самба, кој почна како трет пикер, дојде од Кил каде не играше ништо, за прво на Ф4 во Брест, а потоа и во Келн делуваше како некоја ’бразилска будала’ кој играше до крај. Секој од нас на иста позиција беше различен тип на играч и тоа Раул знаеше како да го искомбинира, изротира, што му одговара во моментот за да се добие противникот. Ние меѓу себе си бевме најголема конкуренција во позитивна смисла, но и најголема поддршка. Не смеам да ги заборавам Џамбо и Диви, кои беа големи и играчи и шегаџии, Абутовиќ кој прерасна во топ дефанзивец и без него ни беше тешко да составиме одбрана и за во македонска лига, толку многу ни значеше во одбрана. Недановски, кој ми беше цимер, кој беше позитивен дух, Мартин Поповски, кој исто така си имаше своја улога… една комплетна синхронизација од 20 луѓе која Раул и Давид ја водеа во тој момент, а ние ’кликнавме’ и бевме едно и во победи и во порази. Растевме и како екипа и како фамилија. Двата гола и со Барса и со ПСЖ не беше важно кој ќе ги даде. Од прв до последен гол најважна беше победата, таа екипа имаше сè.“
Комплетното интервју со Иван Чупиќ може да го прочитате на линкот во продолжение…