ТРАНСФЕР БОМБА: Ива Младеновска е нова „милионерка“!

Македонската репрезентативка Ива Младеновска е ново засилување на германскиот гигант Борусија Дортмунд. Левораката ракометарка, која настапува на позицијата десен бек, потпиша договор со „милионерките“ до 2028 година.

Младеновска ја започна својата кариера во Македонија, а по настапите во школата на Алушовски, во 2020 година се пресели во ЖРК Металург. Со скопскиот клуб во 2022 година го освои Купот на Македонија, а во истиот период дебитираше и за сениорската репрезентација на Македонија.

По настапите во домашното првенство и во ЕХФ Европскиот куп, во сезоната 2023/24 направи трансфер во францускиот Брест Бретањ, додека од јануари 2025 година беше член на Безансон.

„Одлуката да дојдам во Борусија Дортмунд беше многу лесна. Историјата на клубот, неговото реноме и професионалната средина ме убедија. Сакам да придонесам за остварување на целите на клубот и заедно да славиме успеси. Посебно сонувам да освојам титула во германската Бундеслига со Борусија Дортмунд. Тоа би било исполнување на еден голем сон“, изјави Младеновска.

Од Борусија Дортмунд истакнаа дека во Младеновска гледаат млада и амбициозна ракометарка со меѓународно искуство, која ќе донесе дополнителен квалитет во тимот.

Борусија Дормтмунд е вицепрвак на Германија и побара вајлд-карта за Лигата на шампионите, што сосема извесно ќе ја добие.