Ракометната легенда против новиот селектор на Србија – може и Босанец и Македонец, ама странец никако!

Селекторот со кој Србија го освои сребрениот медал на Европското првенство во 2012 кога беа домаќини, Веселин Вуковиќ го коментираше изборот на новиот селектор Тони Херона.

Вуковиќ е незадоволен од овој потег на Ракометниот сојуз на Србија кој според него би требало да избере предводник на репрезентацијата од својата земја или барем од околните екс-jу републики.

„Мојот став е познат од поодамна, сметам дека Србија не смее да има селектор странец. Не сум расист, ниту шовинист но мојот став е дека на клупата не смее да биде човек кој  не зборува српски јазик. Немам проблем да биде Хрват, Босанец или Македонец или било кој друг кој зборува српски. Причината е едноставна, за странски тренер од топ класа веројатно сојузот нема пари. Сите овие тренери кои беа во комбинација во вакви селекции каде што нема врвни играчи и голем број квалитетни играчи мораат многу да работат на тимската работа и мотивацијата. Невозможно е тоа да го направи добро колку и да зборува добро англиски. Многу наши играчи не зборуваат англиски и комуникацијата ќе биде проблем. Ако сето тоа оди преку преведувач ќе биде многу комплицирано. Да ангажиравме некој од странските топ тренери кој би можел да ги пренесе своите идеи би прифатил, но ова се половични решенија кои само го замачкуваат валканото. Но веднаш после првиот дожд нечистотијата останува“, образложи Вуковиќ за sportklub.rs.

Од неговите играчки денови, Вуковиќ има златен медал од Олимпијадата во Лос Анџелес во 1984 година, а тој беше дел од веројатно најдобриот тим што досега го видел светот – Металопластика. 61-годишниот Веселин Вуковиќ беше два пати европски шампион со Металопластика (1985, 1986), а во јуни 2019 година повторно седна на клупата на екипата од Шабац и во изминатите десет месеци тој направи одлична работа.