Се уште актуелниот европски шампион Вардар од 1 јуни ќе се врати кај стариот претседател Михајло Михајловски. Тој веќе разговорало со играчите на кои им истекуваат договорите во јуни, а дел од нив веќе се согласија на продолжување на соработката. До крајот на месецов би требало да биде познат и буџетот на клубот по што и конкретно ќе се разговара за сумите што играчите би ги добиле за останување.
Истовремено со напорите на Михајловски даги задржи сегашните играчи многумина нови се нудат за доаѓање во Скопје. Играњето во Лигата на шампионите и СЕХА лигата се примамливи за секого, дури и за помала плата од досегашната, со оглед на тоа што сите клубови најавуваат намалување на буџетите.
Покрај средниот бек од Мешков Брест, Артем Кулак, на масата на Михајловски се наоѓа и името на полскиот репрезентативен пивотмен, Давид Давиџик. Тој настапува за Азоти Пулави, со кој минатото лето потпиша тригодишен договор, но настап за европски шампион во најелитната конкуренција, би можела да го предомисли и да се реши за прв интернациионален предизвик. Полјакот ќе биде опција, доколку Вардар не се договори со Глеб Калараш за продолжување на соработката.
Овој 25-годишниот потекнува од составот на Легница, настапуваше за Сласк Вроцлав и Заглебје Лубин, пред да се пресели во Азоти. Дебитираше за полската репрезентација на последното Европско првенство.
Неговото име низ полските медиуми се споменуваше како засилување за Висла Плоцк, но вицепрвакот се реши за Шпанецот Абел Сердрио и Французинот Жереми Тото. Покрај Кулак и Давиџик, на „црвено-црниот“ тим му се понудени уште низа ракометари што играле или играат во Лигата на шампионите, па нема да биде проблем да се формира конкурентен тим за претстојната сезона.
Веќе се продолжени договорите со неколку досегашни играчи што настапуваа за вториот тим, а се разговара и со сите интернационалци и репрезентативци. В година Вардар ќе игра директно во групната фаза од ЛШ и според рејтингот Македонија во следните три години сигурно ќе има загарантирано место во европската ракометна елита.