„Навечер ми „пука“ главата, но секој во клубот заслужува да се борам“

Најмладата директорка на еден клуб во Бундес лигата, Лиза Хеслер која има само 31 година во овие моменти на пандемија има полни раце работа како да обезбеди финансиски средства за клубот да ја надмине кризата.

Младата директорка на Лудвигсхафен во оваа несекојдневна ситуација е целосно ангажирана на работата во клубот. Екипата каде што настапува Мартин Томовски има најмал буџет во најдобрата лига во Германија, а ова е дополнителен предизвик за Хеслер.

На клубот му недостасуваат најважните приходи кои доаѓаа од домашните натпревари и билетите, а со оглед на тоа што е прекинато првенството недостасуваат и средства од спонзорите. Хеслер е во контакт со партнерите и поддржувачите секој ден, а нејзиниот телефон не престанува да ѕвони.

Хеслер максимално ја има сфатено ситуацијата и се обидува да биде во контакт со сите вработени за да не ја изгубат довербата во клубот. Секако ова е огромен напор за младата Германка, но како што вели иако навечер и „пука“ главата секој вработен во клубот го заслужува тоа.