Левиот бек на Чеховски Медведи и руската репрезентација, Дмитри Санталов, има потпишано договор со актуелниот европски шампион Вардар од следната сезона. По препораката на тренерот Владимир Максимов, кој го советуваше ракометарот да не се сели во Скопје, сега се јави и директорот на „мечките“.
Александар Сафонов, во интервју за авторитетниот руски портал „Брз Центар“, вети дека ќе му ја зголеми платата на Санталов, ако остане во Чехов.
„Добро познато е дека Дмитри Санталов има потпишано договор со Вардар. Но не е јасно што ќе се случува со македонскиот клуб во иднина. На никој не му посакувам зло, но фактите говорат дека ситуацијата е далеку од стабилна. Ние ќе следиме како ќе се одвиваат работите, но со сигурност можам да кажам дека ако Санталов остане кај нас, тој ќе добие побогат договор“, вели Сафонов.
Чеховски Медведи во финалето на рускиот Куп претходниот викенд го победи големиот ривал ЦСКА Москва, а допрва ги очекуваат битките за шампионската титула во Русија.