Голем број на шампионатите низ Европа се веќе стопирани, некои дури и завршени, а се одложуваат и натпреварите во европските купови.
Тоа засега не е случај со Унгарија, чија ракометна федерација се нема огласено по последните случувања со големото ширење на коронавирусот.
Шпанскиот репрезентативец од ПИК Сегед, Жоан Кањелас, се огласи на социјалните мрежи.
„Јас останувам дома. Барем тоа ни се допаѓа во Сегед. Сите европски лиги и Лигата на шампионите се стопирани, само во Унгарија сме присилени да играме. Утре, нов натпревар. Неразбирливо и неодговорно со оглед на случувањата низ Европа. Трпение и одговорност“, порача Кањелас.
Вчера ПИК Сегед играше со Ференцварош, а утре на домашен терен треба да се соочи со тимот на Орошази.