Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер го чека реванш натпреварот од осминафиналето на регионалната СЕХА лига против хрватскиот Нексе Нашице, кој славеше во првиот дуел со 23-20.
Навивачите на битолскиот тим веќе се активираа на социјалните мрежи. Ги повикуваат сите да се појават во сала на натпреварот и да ја дадат поддршката за Еурофарм Пелистер да обезбеди четвртфинале.
Доколку избраниците на Жељко Бабиќ ја надополнат негативата од три погодоци од Нашице, во четвртфиналето ќе се сретнат со актуелниот освојувач на СЕХА лигата, Вардар.
Натпреварот се игра в среда во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:15 часот.