Поранешниот македонски репрезентативец Филип Миркуловски, го продолжи договорот со бундеслигашот Вецлар на уште две сезони – но играњето ракомет ќе биде во втор план.
Тој ќе биде помошник тренер во Вецлар и како што најавија од клубот „стенд бај играч“ што ќе треба да помогне кога ќе има потреба за тоа.
„На мои години, морате да се размислите што ќе правите по крајот на кариерата. Затоа сум благодарен на Вецлар што ќе ми даде шанса за нова улога од лето.Во мојата играчка кариера соработував со тренери како Лино Червар и Каи Вендшнајдер. Научив многу од нив и благодарен сум што ќе можам да му помогнам на нашиот тренер од лето. Мислам дека ќе имам што да пренесам на младите играчи со моето искуство, особено на плејмејкерите Фредриксен и Фелд. Новата улога ќе биде и нова територија за мене, па ќе морам да работам во различни дирекции, но едвај чекам“, истакна Миркуловски.
Тој дојде во Вецлар пред пет сезони откако имаше кратка авантура во дресот на Хановер. Претходно беше дел од Металург, со кој на два пати стигна до четвртфиналето од Лигата на шампионите.