За време на завршницата на Европското првенство во Стокхолм се одржува и состанок на клубовите од сите држави кои се дел од европските купови во организација на Европската ракометна федерација.
Неколку важни одлуки што претходно беа најавени, денеска добија своја официјализација. Според ранкингот во машка конкуренција, нашата држава ќе има еден претставник во новата Лига на шампиони, со 16 екипи, од кои само девет ќе изборат место според ранкингот, а останатите ќе добијат вајлд карти од ЕХФ.
На Македонија и следуваат три места во Лигата на Европа, која е замена за досегашниот ЕХФ Куп, а нема да имаме претставник во ЕХФ Купот, кој е новото име за досегашниот Челинџ Куп.
Премиите за учесниците на завршниот турнир во ЛШ изнесуваат вкупно 1.000.000 евра, додека оние екипи што ќе играат на завршниот турнир во женската ЛШ ќе поделат 500.000 евра.
Беа потврдени и термините за европските купови. Натпреварите од Лигата на шампионите во машка конкуренција ќе се игра во среда и четврток, додека кај жените остануваат термините за викенд.
Во Лигата на Европа кај мажите, натпреварите се на програмата во вторник, евентуално некогаш во среда, додека кај жените остануваат за викенд. Дуелите пак од ЕХФ Купот во двете конкуренции ќе се играат в петок, сабота или недела.