ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Еден е Кире! Ама и Николче, Столе, Дејан…

Најочекуваниот репрезентативен период во годината, Европското првенство, секогаш ја буди целата јавност, дури и оние кои обично не следат ракомет, па како што знаете имаме најразлични очекувања и предвидувања.

Oна што е заедничко за нашата сакана ракометна репрезентација на Македонија, е тоа што ги спојува сите, независно од возраст и пол, во заедничко бодрење и најчесто радост. Така и првиот натпревар против Украина го следевме во јавност, од најмали деца кои не знаат што се случува, но се радуваат за својата земја – па до такви како нас „закоравени“ навивачи, што 2 часа однапред сме го фатиле најдоброто место пред телевизорот.

Оваа утакмица мораше да биде добиена, како што гласеа сите навивачки планови, ама не е секогаш исто и на теренот. Имаме убава комбинирана постава, со многу талентирани млади играчи, но сè уште оваа комбинација не функционира како што треба на теренот. Затоа, одново и одново можеме да ги видиме нашите херои на дело, кои мора да носат голем товар на својот грб. Кире! Никогаш немам доволно зборови, а не сум само јас, туку и целата светска јавност, да се искаже неговата суперхеројска кариера и перфекција во ракометната игра. Ми се чини дека дури и се воздржува да не шутира, да ги пушти помладите да дадат гол… Ама кога веќе ништо од тоа, раката сама, мижејќи, си погодува во целта. И при секој негов погодок се слушаат извици аууу, оооо… затоа што секој гол му е ремек дело! Е сега, пеналот не го погоди, ама затоа тука е Дејан Манасков, кој е толку кул додека ги шутира. Ми се чини дека тој е еден од ретките наши играчи кој емоциите ги остава „во соблекувалната“ и игра фокусирано само на тоа што се случува во моментот. Дали е така, само тој си знае – но ете, баш би сакале да дознаеме.

Како што постепено се градеше нашето водство, навивачката атмосфера беше свечена, опуштена. Видовме неколку убави голови од Џомба, Талески… кој многу подобро ја прифаќа улогата на иден носечки репрезентативец од некои други. А ако зачкрипи – тука Столе! Леле, каква перфекција од игра вади Столе наш Македонски! Ако не е гол со 100% реализација кога ќе ја фати топката, тогаш сигурно е пенал, па и по некое исклучување. Трча во одбрана да спречи полуконтра… Дава пример на сите кои решиле да се бават со некој спорт, како се игра и како се бори за својата земја.

После водството од 5 разлика дојде до она несреќно опуштање во нашите редови, па таа предност брзо се истопи при крајот. Но, ние имавме уште еден голем адут сите 60 минути, особено на крајот – нашиот златен Николче Митревски. Ова е дефинитивно негова година! Најдобар голман во полусезоната на СЕХА, а избори место и да биде прв избор на голманската позиција во репрезентација. И го оправда максимално! Со 15 одбранети удари до крајот на мечот.

Последната минута беше драма за сите навивачи во салата, дома, во кафана, на зимување… дополнете ако пропуштам некоја локација. Изедначија, а ние го имавме последниот напад, откако имавме повеќе нереализирани шутеви и сите се плашеа да преземат одговорност. Некаде прочитав – сите знаеја кој ќе шутира, кога ќе шутира и како ќе биде тоа одиграно. Но сепак, кога Кире ја фати топката на некои 7 секунди до крајот, не постоеше сила што можеше да ја спречи да влезе во мрежата и да донесе уште една победа за Македонија!

Што ќе биде понатаму е неизвесно, но во моментов може само да се радуваме, затоа што ја имаме среќата да следиме вакви ракометни радости со нашата репрезентација!

ПИШУВА: А.К.Н.