Репрезентацијата на Црна Гора имаше победнички старт на натпреварите за време на ЕХФ неделата, откако во Тиват славеше над Босна и Херцеговина со 25-21.
Иако селекторот Зоран Рогановиќ на овој меч го одмораше триото од Бундес лигата (Чавор, Симиќ и Липовина), а не играа ниту Радовиќ од Еурофарм Работник, Грбовиќ и Вујовиќ, сепак неговите избраници доминираа на теренот.
Најдобар стрелец во победничката репрезентација беше Васко Шеваљевиќ со шест голови, додека ракометарот на Бутел – Мирко Мајиќ постигна три погодоци. Голманот на Охрид – Јагош Брауновиќ, имаше сениорско деби во вториот дел и според црногорските медиуми оставил одличен впечаток.
„Сакам повеќе да зборувам за екипата, не за поединци, но Брауновиќ, Вујачиќ, Петричевиќ и Мајиќ заслужија да ги споменам. Не беасо нас на некои претходни натпревари, но ми се чини дека ги добиваме како играчи и многу сум задоволен. Тие дојдоа првпат и покажаа дека можам да сметам на нив. Важно е да создадеме база на играчи пред ЕП. Конкуренцијата е добра, бидејќи играчите се тераат едни други да бидат подобри. Сето тоа е за корист на колективот“, изјави селекторот Зоран Рогановиќ за „МНЕ Рукомет“.
Кај Босанците не настапи двоецот од Еурофарм – Вегар и Граџан, а најдобар стрелец беше Дино Хамидовиќ со пет погодоци. Двете селекции денеска ќе одиграат и втор пријателски натпревар.