Мешков Брест си игра мајтап со СЕХА

Во текот на минатата година, белорускиот првак Мешков Брест, во многу наврати играше со вториот тим во регионалната СЕХА лига и го навлече гневот на раководството, иако официјално не беа предупредени за таквите постапки. Истата приказна се повторува и оваа сезона, со оглед на тоа што играат на три фронта, ЛШ, СЕХА и домашното првенство.

Па така на 3 октомври ќе играат два натпревари во еден ден. Дел од првиот тим заедно со втората екипа ќе замине на гостување во Шабац кај Металопластика во СЕХА лигата, додека 12 ракометари од првиот тим ќе играат против Гомел во домашното првенство.

Екипата која ќе оди на гостувањата во СЕХА лигата ќе биде предводена од тренерот на вториот тим Андреј Мочалов. Од гостувањето кај Металопластика, екипата на Мешков продолжува со истиот состав на уште едно гостување кај Веспрем, дуел кој се игра на 5 октомври. Главниот тренер Раул Алонсо со поголемиот дел од првиот тим ќе остане дома да се натпреварува во првенството на Белорусија.

„Веќе имаме искуство од минатата сезона со два натпревари во ист ден, за разлика од лани сега знаеме како е тоа и сме подготвени. Се стремиме само кон позитивен резултат. Мислам дека и покрај поделбата на екипата двата наши состави се одлично подготвени. Знаеме дека гостувањата кај Металопластика, а особено кај Веспрем нема да бидат лесни. Но ние сме подготвени за борба и одиме на победа“, изјави Мочалов.

Екипата повторно ќе се комплетира на почетокот на нарендата недела пред натпреварот со Еурофарм Работник во Брест кој се игра на 8 октомври и кој ќе одиграат во најсилен состав.