ГРУПА А: Шпанија ниво над сите, селекции од три континенти во битка за два билети за главна рунда

24Ракомет ви ги претставува учесниците на Светското првенство што ќе се одржи во Полска и Шведска

Групата А е составена од две европски, една азиска и една јужноамериканска селекција каде Шпанија е апсолутен фаворит за првото место во групата.

За преостанатите две места кои водат во следната фаза рамноправно ќе се борат Црна Гора, Чиле и Иран.

Сeпак селекцијата на Зоран Рогановиќ, која е во налет, отскокнува со квалитетот во однос на Чиле и Иран.

Иран предводен од екс стратегот на Вардар и селектор на Македонија, Веселин Вујовиќ по осум години се враќа на Мундијалите.

Чиле ќе се обиде за првпат во историјата да прогресира во главната рунда. Натпреварите од групата А ќе се играат во Краков, Полска.

🇪🇸 ШПАНИЈА 🇪🇸

За Шпанија настапот на Светското првенство во Полска и Шведска ќе биде 21 учество на Мундијалите. Кога се работи за настапите на Светското првенство „црвената фурија“ е една од најконстантните репрезентации во светот на ракометот во последната деценија, откако го освои Светското првенство во 2013 година и двапати дојде до златниот медал на континенталните собири, во 2018 и 2020.

Шпанците во својата колекција на златни медали имаат и злато од Светското првенство во Тунис (2005). Тоа се најголемите остварени успеси на една од најквалитетните репрезентации, која секогаш се наоѓа на врвот од светскиот ракомет. Големиот успех на светски рамки е надополнет со уште два бронзени медали од Светското првенство во 2011 (Шведска) и 2021 (Египет).

Актуелниот селектор на Шпанија, Жорди Рибера, кој ја презеде селекторската функција во текот на 2016 година го продолжи договорот до Олимписките игри во Париз (2024) и сигурно ќе атакува на освојување на златото со неговите избраници.

Сепак, Шпанија во оснос на претходните учества, на Мундијалот ќе настапи со изменет состав. Искусните Виран Морос, Даниел Сармиенто, Хулен Агинагалде и Раул Ентрериос нема да учествуваат на Мундијалот бидејќи решија да се повлечат од репрезентацијата (Ентрериос ја заврши кариерата), па така Рибера ќе мора да балансира со искусни играчи и млади таленти, кои допрва треба да ги покажат своите квалитети. Камбек во Шпанија ќе имаат Алекс и Дани Душебаеви, кои не настапија на Европското првенство 2022.

Шпанија има многу потенцијал на располагање, откако неодамна ги освои златните медали на Европското првенство за кадети и младинци (2022), каде Рибера исто така беше присутен за да забележи и да види што носи иднината за неговиот тим. Сепак, веројатно е дека ниту еден играч нема да го направи големиот чекор во сениорскиот тим, бидејќи планот што го постави Рибера е внимателно да ги воведе новите таленти, односно чекор по чекор да се наметнуваат кај сениорите.

Селекцијата на Рибера е убедлив фаворит во групната фаза, па потоа во следната фаза би се судрила со трите најдобри селекции од групата Б. Во оваа група се наоѓаат репрезентациите на Франција, Полска, Словенија и Саудиска Арабија.

СЕЛЕКТОР: Жорди Рибера

КЛУЧНИ ИГРАЧИ: Гонзало Перез Де Варгас (голман), Алекс Душебаев (десен бек), Алеиш Гомез (десно крило)

🇲🇪 ЦРНА ГОРА 🇲🇪

Селекцијата, која беше едно од изненадувањата на Европското првенство во 2022, повторно ќе посакува добар пласман на едно големо натпреварување. За Црна Гора ова ќе биде второ учество на Мундијалите, откако пред десет години, односно во 2013 година за првпат се појави меѓу најдобрите светски репрезентации, но не направи добар резултат и заврши на 22 место. Во последните неколку години напредокот на Црна Гора е видлив. Пет пати по ред обезбедуваше учества на Европското првенство.

Црна Гора пласманот на Светското првенство 2023 го обезбеди со двете победи против Грција во априлските бараж натпревари. Црногорците на првиот дуел триумфираа со 25:23, додека на реваншот дојдоа до поубедлива победа, со резултат 33:25.

Трите клучни играчи во репрезентацијата на Црна Гора се левото крило Милош Вујовиќ, десниот бек Бранко Вујовиќ и голманот Небојша. Симиќ. Каков резултат ќе има Црна Гора на Светското првенство најмногу ќе зависи од тројцата споменати играчи, кои секогаш ја прават разликата во црногорскиот табор.

СЕЛЕКТОР: Зоран Рогановиќ

КЛУЧНИ ИГРАЧИ: Милош Вујовиќ (лево крило), Бранко Вујовиќ (десен бек), Небојша Симиќ (голман)

🇮🇷 ИРАН 🇮🇷

Селекцијата на Иран со новиот селектор Веселин Вујовиќ сигурно ќе посакува да направи изненадување на еден од трите натпревари во групната фаза. Иран во 2015 година го имаше својот деби настап на Светското првенство во Катар. На дебитанскиот настап заврши на 21. позиција.

Иранската селекција својот билет за Светското првенство во Полска и Шведска го обезбеди со освоеното четврто место на Азискиот шампионат и по пауза од осум години повторно ќе биде дел од најдобрите репрезентации во светот. Резултатите на Азискиот шампионат беа остварени по водство на Мануел Монтоја кој ја напушти селекторската функција по завршувањето на шампионатот во Азија.

Искусниот стратег Веселин Вујовиќ, кој во своите играчки денови ги освои Олимписките игри во 1984 година и Светското првенство во 1986 година, може да се пофали со големо искуство и како играч и како тренер. Во 2017 година ја предводеше машката репрезентација на Словенија до третото место на Светското првенство во Франција.

Избраниците на Вујовиќ се наоѓаат во тешка група, но својата шанса за пласман во следната фаза ќе ја бараат против селекцијата на Чиле. Најмногу во репрезентацијата на Иран ќе се очекува од кружниот напаѓач Алиреза Мусави, член на романската екипа Стеуа Букурешт.

СЕЛЕКТОР: Веселин Вујовиќ

КЛУЧНИ ИГРАЧИ: Алиреза Мусави (пивот), Пуја Нороџинејад (среден бек). Афшин Садеги (лев бек)

🇨🇱 ЧИЛЕ 🇨🇱

Репрезентацијата на Чиле на Мундијалот во Полска и Шведска ќе го има седмото учество. Јужноамаериканската селекција од 2011 е редовен учесник на Светското првенство, а најголемиот успех го оствари на Мундијалот во Германија и Данска (2019) кога го освои 16 место.

Чиле сè уште може да се потпре на триото бекови – Ервин Фојхтман, Емил Фојхтман и Родриго Салинас кои не се откажуваат од националниот тим. Чиле на минатиот Мундијал во Египет во конкуренција од 32 репрезентации заврши на 27. позиција. Оваа репрезентација нема познати имиња и играта во репрезентацијата на Чиле најмногу ќе зависи од тројцата споменати ракометари.

СЕЛЕКТОР: Аитор Ечабуру

КЛУЧНИ ИГРАЧИ: Ервин Фојхтман (лев бек), Родриго Салинас (десен бек), Емил Фојхтман (среден бек)