Andreas PALICKA, SF1 - France vs Sweden, Men's EHF EURO 2024 Germany, Cologne, Germany, 26.01.2024, Mandatory Credit © Uros Hocevar / kolektiff

📷 Паличка „спушти ролетна“, Шведска освои бронза на ЕП!

Репрезентацијата на Шведска го освои третото место на Европското првенство во Германија, откако во дуелот со домашната селекција без многу проблеми триумфираше со 34:31 (18:12).

Швеѓаните, кои во полуфиналниот дуел несреќно беа елиминирани од Франција, денес покажаа дека бргу го имаат заборавено полуфиналето и во текот на целиот натпревар беа во резултатска предност.

Германија единствено на стартот водеше со 2:1, сѐ друго мина во знакот на скандинавската селекција. Избраниците на Глен Солберг лесно ја пробиваа зоната на домаќините и во првото полувреме постигнаа дури 18 погодоци.

Домашниот состав во вториот дел заигра поангажирано, ја преполови негативата, во 54 минута се доближи на минус еден, 30:29, но Шведска не дозволи целосен камбек на „панцирите“ и до крајот имаше резултатска предност.

Најзаслужен за победата на Шведска беше искусниот голман Андреас Паличка, кој имаше 19 интервенции, а во нападот одлични беа Феликс Клар со осум и Себастијан Карслон со седум погодоци.

Кај Германија се истакна младиот Ренарс Усчинс со осум погодоци, голманот Андреас Волф заврши со девет одбранети удари.

Шведска, која на претходното ЕП го освои златото, сега ќе мора да се задоволи со бронзата, додека домаќинот остана со празни раце, иако имаше амбиции да игра во големото финале.

ЕП 2024: Меч за 3 место Шведска – Германија