„Ќе се борам дури можам, знам колку е кул да се игра на Олимписки игри“

Репрезентативецот на Данска, Каспер Мортенсен се надева дека ќе може да им помогне на своите колеги од националниот тим на Летните Олимписки игри во Токио.

Искусното лево крило на Барселона на почетокот на ноември минатата година заработи повреда на левото колено и поради тоа мораше да остане надвор од терените најмалку шест месеци. И покрај големиот напредок, Мортенсен не знае кога точно ќе се врати на ракометните терени.

Ракометарите на Барселона во домашниот шампионат имаат уште 11 натревари за одигрување, а последните пет натпревари ќе ги одиграат во месец мај.

Мортенсен за данската телевизија „Спорт ТВ2“ изјави дека се оди во најдобар ред што се однесува со повредата, а за настапите во Барселона и селекцијата на Данска ќе чека зелено светло од лекарскиот тим.

„Навистина оди се во најдобар ред. Се надевам и ќе се борам да ми биде дозволено да го одиграм остатокот од последниот дел во оваа сезона. Јас се докажувам на мојот тренинг секој ден”, изјави Мортенсен.

Каспер Мортенсен беше дел од данската селекција на Летните Олимписки игри во 2016 година на кои домаќин беше Бразил. Данска тогаш го освои златниот медал откако во големото финале беше подобра од Франција со 28:26.

„Знам дека нè очекува настап на Олимписките игри веднаш по завршувањето на сезоната. Последниот пат учествував на Олимписките игри со селекцијата и тогаш го освоивме златниот медал. Знам колку е кул да се биде дел од такво искуство. Затоа, ќе се борам дури можам”, додаде Мортенсен.

Данецот за својата селекција има одиграно вкпупно 128 официјални натпревари и постигнато 333 гола. Во дресот на Барселона настапува од 2018 година.