Ќе има публика на ЕП во Словачка, но само една четвртина од капацитетот

На трибините на средбите на Европското првенство кои ќе се играат во Словачка ќе има публика, но според последните вести капацитетот ќе биде исполнет само 25 проценти.

Од Ракометната федерација на Словачка веќе ја известија и Европската ракометна федерација така што веќе се познати и условите кои ќе мора да бидат исполнет за секој од гледачите.

Секој што ќе сака да биде на трибини ќе мора да има примено две дози вакцина, а покрај тоа постојано ќе мора да носи и маска.

„Исклучително сме среќни што овој капацитет е потврден со оглед на тоа што Словачка продолжува да се бори и понатаму со пандемијата. За натпреварите во Унгарија во моментов нема ограничувања за присуство на гледачи под услов навивачите да достават валиден сертификат за имунитет, односно да биде покажано дека се вакцинирани или поседуваат негативен ПЦР тест кој не е постар од 72 часа. Воедно секој гледач постар од шест години ќе мора постојано да носи маска која ги покрива и носот и устата“, стои во соопштението.

Натпреварите на Европското првенство стартуваат на 13 јануари, а се играат на пет различни локации низ Унгарија и Словачка. Првиот ден се играат вкупно девет натпревари.