„Ќе бидам тренер или менаџер, а жена ми ќе води Музеј на илузии“

Ракометарот кој беше дел од многу успеси со тимовите на Загреб, Флензбург, Хамбург, Вардар и Кил, како и со репрезентацијата на Хрватска, Блаженко Лацковиќ одлучи на 39 години да стави крај на кариерата.

Тој објави играчка пензија, а веќе објасни што планира да работи во иднина и што го очекува во следниот период.

„Останувам во Германија уште година или две. Нема да го напуштам Хамбург така брзо туку ќе бидам помошен тренер. После овие две години ќе се вратам дома во Хрватска. Кога ќе се вратам ќе видам што и како ќе се случува. Во моментов не знам дали ќе бидам тренер или менаџер, тоа допрва ќе го видам. Затоа знам што ќе работи мојата сопруга Николина. Отворивме Музеј на илузиите и тој ќе биде нејзина грижа. Таа ќе управува со него и ќе биде постојано на релација Загреб-Хамбург“, вели за хрватските медиумите, Лацковиќ кој пред некој ден го објави своето заминување во пензија.

Лацковиќ беше дел од шампионската генерација на Хрватска од СП во Португалија во 2003 година и од Олимписките игри во Атина во 2004 година. Покрај тоа беше дел и од екипата на Вардар од 2014 до 2016 година.