Љубомир Врањеш е новиот тренер на Ним

Екипата на Ним за следната сезона на тренерската функција го ангажираше поранешниот репрезентативец на Шведска, Љубомир Врањеш. Искусниот тренер клупата на францускиот клуб ќе ја преземе од тренерската палка на Јан Балмосиер, кој беше привремено решение на тренерската позиција откако Франк Морис го напушти клубот. Врањеш и Ним се договорија на четиригодишна соработка.

Врањеш во Ним ќе пристигне од бундеслигашот Рајн Некар. Во таборот на „лисиците“ беше назначен за тренер по неуспехот со словенечката репрезентација на Европското првенство оваа година, но бидејќи раководството на Рајн Некар реши да ангажира нов тренер за следната сезона, францускиот суперлигаш беше прв кој ја доби битката за некогашниот селектор на Словенија, Унгарија и Србија.

Екс играчот на шведската репрезентација во својата тренерска кариера најголемиот успех го постигна во сезона 2013/14 кога со Фленсбург ја освои Лигата на шампионите. На чело на Фленсбург беше седум години. Беше тренер и на екипите на Кристијанштад од Шведска и на унгарскиот гигант, Веспрем, но со ниту една од двете екипи не забележа резултати за пофалба, односно не ги оствари зацртаните цели на европска сцена. Краток период ги предводеше репрезентациите на Србија, Унгарија и Словенија.

Ним сезоната во францускиот шампионат ја заврши на 6. позиција и не успеа да го повтори ланскиот успех кога со освоеното 5 место учествуваше во Лига на Европа и  беше еден од противниците на Еурофарм Пелистер во групната фаза во второто по ранг квалитетно натпреварување.